На уапсениот Гури пет години му се судеше и уште не е правосилно осуден – пред извесно бил разрешен

by fokus

Пет години, односно од 2018 година му се суди на сега уапсениот поранешен заменик управник  во Управата за јавни приходи, Исмет Гури и се уште не е правосилно осуден за изборни нерегуларности.

Минатата недела Кривичниот суд повторно ги осуди на три години и шест месеци затвор, Гури и поранешниот пратеник и координатор на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Хаљими.

Втората пресуда, во која затворските казни се исти како во првата пресуда, ја изрече судечки совет на чело со судијката Марија Клетничка-Марковска.

Повтореното судење следуваше по првата првостепена пресуда, која Апелацискиот суд Скопје ја укина и го врати случајот на почеток. И последната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна, односно странките имаат право на жалба до Апелација која овој пат ќе треба да одлучи мериторно.

Додека траеше судскиот процес Исмет Гури беше заменик управник во Регионалната дирекција Скопје, но како што дознава „Фокус“, бил разрешен пред околу два – три месеци. Бил распределен на место да мери учиноци, во Сектор за план и анализа.

Хаљими и Гури се товарат за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир 2013 година.

-Судот потенцира дека една од основните претпоставки за владеење на правото е избирачкото право. Избирачкото право претставува услов без кои не може една земја да се претстави како демократска. Ценејќи ги изведените докази, советот по советување и гласање, ја донесе следната пресуда: Судот двајцата обвинети Исмет Гури и Ејуп Алими, ги осудува на казна затвор на времетраење од 3 години и 6 месеци. Се задолжуваат да ги платат и трошоците на постапката, рече судијката.

Според пресудата, осудените со неколку други лица, кои беа сведоци во судскиот процес, по гласањето за градоначалник во првиот круг во записниците од повеќе избирачки места го менувале бројот на гласови на тој начин што на кандидатот на ДУИ му додавале гласови, а на тој од ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од случаите одземале. Намалувале гласови и на кандидатот на ДПА.

Читајќи детално на кое избирачко место по колку гласови биле додавани и одземани за партијата, судијката за едно од нив посочи дека Гури пред влезот на Општинската изборна комисија (ОИК) кога го одзел записникот со цел да го преправи на претседател на избирачко место се заканил да го потпише бидејќи во спротивно би било лошо за него, а му кажал и дека за „оваа работа“ има договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај менувањето на бројот на гласови, меѓу незаконските активности на двајцата функционери од ДУИ, според пресудата, било и тоа што потоа сами ставале печат од избирачките одбори, како и ги фалсификувале потписите од претседателите на одборите.

Двајцата првостепено осудени се единствените поистакнати функционери од ДУИ за кои поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) покрена обвинение во 2017 година.

Судењето за случајот познат под името „Титаник 3“, почна во 2018 година, по две години беа осудени, по што Апелацискиот суд го врати судењето на повторно судење. Сега беше изречана втората пресуда, по што на потег е да одлучи Апелација.

Гури сега е уапсен во полициската акција што се ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во неа уапсени се тројца вработени во УЈП меѓу кои и синот на Гури.

Осомничени се вкупно 15 лица и 3 фирми за злоупотреба на финансискиот инструмент даночен гарант со што е направена штета во буџетот од околу 840 илјади евра.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости