Рамиз Мерко нема да е последното име што ќе се најде на американската „црна листа“ – изјави денеска американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Таа порача дека се врши темелен и внимателен процес на ревизија за лицата кои потенцијално можат да се најдат на „црната листа“, исто како струшкиот градоначалник.
„Верувам дека веќе сите сте запознаени со изјавата и од Стејт департментот, од портпаролот и со мојата изјава. Тие изјави зборуваат сами за себе, односно го објаснуваат цел овој процес. Би сакала само да додадам дека овој процес на назначување трае подолго и бара време. Тоа е процес кој внимателно се спроведува, така што се врши ревизија на сите докази, на се што е утврдено. Во секој момент има листа на имиња кои се во процес на разгледување така што кога ќе се утврдат сите факти тогаш се донесува одлуката. Не би можела да кажам точно за временските рокови кога би се реализирале овие процеси. Сметам дека ќе има и други лица, но не би можела да кажам точно кога, бидејќи, како што веќе напоменав станува збор за процес кој се спроведува со големо внимание и САД имаат навистина сериозен пристап“ – рече Агелер.
Таа посочи дека Северна Македонија и нејзините граѓани имаат право да имаат избрани претставници на кои може да им веруваат.
„Ние не можеме да кажеме што понатаму и какви мерки Владата и судството на Северна Македонија да преземат, но ние ќе продолжиме да соработуваме со оние што имаат добра волја за процесите докрај да се реализираат. Ова е сериозно прашање за нас, но тука имаме и прекрасни партнерства со претставници од Владата и други претставници од земјата со кои имаме навистина одлични односи и ќе продолжиме со нашите заложби за да обезбедуваме секаков вид на помош за и понатаму да продолжи нашето партнерство и соработка“ – рече Агелер.