Владо Јовановски и Борис Дамовски засега се во куќен притвор, но ситуацијата набрзо може да се смени бидејќи обвинителството ја обжали одлуката на судијата на претходна постапка и побара да бидат ставени во притвор.
Кривичниот совет кој одлучува по жалбите, вчера донесе три решенија според кои на тројца од приведените за насилството во Собранието им ја преиначи мерката куќен притвор во затворски притвор, поради што уште синоќа биле спроведени во истражниот затвор „Скопје“.
-Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по жалби поднесени од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинителството и решенијата на судија на претходна постапка ги преиначи на начин што уважен е предлогот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор и против осомничените М.П., Г.Ѓ. и Е.Д.Б., определена е мерка притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, велат од Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека набрзо ќе се произнесат и по жалбите поднесени од останатите странки.
Судија на претходна постапка вчера мерка притвор во траење од 30 дена му одреди на уште едно лице кое вчера само се појави на распит во судот.
-Во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, спроведено е едно лице опфатени со предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, а поврзано со настаните од 27 април во Собранието на Р.М., за кој по произнесување на спроведените лица во однос на предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка донесе решение со кое го прифати предлогот и на З.С. му определи мерка притвор во траење од 30 дена, информираат од судот.