„Во постапката за јавни набавки во државните институции често има корупција, велат лицата задолжени за јавни набавки во институциите за спроведување на овие постапки. Таа е најприсутна како последица на политики интереси, но и во форма на поткуп. Поголем генератор на корупција се фирмите што се пријавуваат на тендерите отколку луѓето во институциите“ – ова го покажуваат податоците од Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, објавен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), што како истражување е спроведено во март 2024 година, а во кое учествуваат 154 лица за јавни набавки, од кои 60 отсто од институциите на национално ниво и 40 отсто од органи на локално ниво.
Покрај тоа, ЦКГ изготви и Индексот на рационалност каде што се споредени цените по кои различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и Анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година.
„Дека често има корупција при спроведување на јавните набавки се изјасниле 41 отсто од ние што учествуваат во овие постапки. Само два отсто повеќе или 43 отсто сметаат дека ретко е присутна корупцијата. 14 отсто се изјасниле дека никогаш нема корупција, а два отсто дека корупција во јавните набавки има секогаш“, пишува во Извештајот.
Анализите на Центарот за граѓански комуникации велат дека најголем дел од лицата вклучени во јавните набавки во институциите или 56 отсто сметаат дека фирмите се поголеми генератори на корупција отколку институциите и вработените во нив, а 16 отсто сметаат дека двете страни ја генерираат корупцијата.
„Најголем дел од лицата задолжени за јавни набавки или 34 отсто сметаат дека најприсутна е корупција како последица на политички интереси, а 25 отсто се изјасниле дека најмногу има поткуп. Шест отсто сметаат дека корупцијата во овие постапки е присутна како последица на роднински или пријателски односи“ – се вели во анализата.
Во само четири отсто од институциите, службени лица, како лице за јавни набавки, претставник на раководството или друг вработен, во текот на последните неколку години ги известите надлежните институции за сторена корупција во јавните набавки, и тоа три отсто ја известиле Државна комисија за спречување на корупцијата, а еден отсто Обвинителството.