Во Неготино и официјално започна изградбата на затворен градски пазар, а вчера со свеченост беше одбележано започнувањето на градежните активности.
Општината за првпат по децениски апели на граѓаните добива современ и затворен пазар, кој се гради на истото место, во центарот на градот, каде претходно беа поставени само лимени тезги на отворено.
На свеченоста присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалникот д-р Горан Стојанов, општински претставници и бројни граѓани.
Гостите беа дочекани традиционално, со погача и сол, и со народни ора изведени од страна на млади играорци од градот.
-На пригодна свеченост, како градоначалник на Општина Неготино заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, го означивме започнувањето на градежните активности за изградба на нов градски пазар.
За првпат од постоењето на градот, Неготино ќе добие нов, модерен и најсовремен затворен градски пазар, а вредноста на проектот изнесува 25.960.000 денари со вклучен ДДВ (околу 422 илјади евра) – средства обезбедени од буџетот на Општина Неготино, соопшти градоначалникот Стојанов.
Информира дека просторот на кој ќе биде пазарот е со површина од 440 метри квадратни, и тоа по 220 од двете страни со поставување настрешници и тезги.
На просторот на новиот пазар ќе бидат поставени 90 метални тезги, а објектот е предвидено да функционира со услужна намена – пазар, и ќе биде во сопственост на Општина Неготино.
-Рокот за завршување на работите е 3,5 до 4 месеци и како градоначалник се надевам дека мошне скоро од денес, граѓаните на Општина Неготино и пошироко ќе можат да започнат со користење на новиот градски пазар, истакна д-р Стојанов.
Инаку, ветувањата за изградба на затворен пазар, со години наназад неготинци ги слушаа пред секои локални избори, а продавачите на овошје и зеленчук ги изложуваа своите производи на отворено, на руинирани тезги.
Вики Клинчарова