Поранешниот командант на расформираната Единица за брза интервенција „Лавови“, Горан Стојков бил осуден за злоупотреба на службената положба на 1 февруари 2019 година, а пресудата станала правосилна на 16 декември 2020 година, за дело коешто го извршил пред 20 години, покажуваат податоците од Кривичниот суд коишто ги обезбеди Фокус.
Стојков добил упатен акт да се јави на издржување на затворската казна на 2 февруари оваа година, но бидејќи не се пријавил во затворот, по него била распишана потерница.
-Против правосилно осуденото лице Г.С. издаден е упатен акт на 02.02.2021 година да се јави на издржување на затворската казна, при што од страна на судот испочитувани се сите Законски утврдени рокови, а по добиено известие дека осудениот не се јавил на издржување на казната затвор,издадена е потерница за негово приведување до надлежното Министерство за внатрешни работи, објаснуваат од Кривичниот суд за Фокус.
Оттаму официјално не ни одговорија како дело сторено во 2001 година, досега не застарело и зошто се активирало, односно за тоа дело му се суди дури сега.
Пресудата за предметот не е анонимизирана и јавно објавена на страницата на Кривичниот суд, но неофицијално му се суди за злоупотреба на службена положба додека бил на функција во Министерството за внатрешни работи за време на воениот конфликт, односно за злупотреба на буџетски пари со набавка на муниција.
За ова дело им се судело на Стојков и на уште две други, лица, Стојков и уште еден добиле една година затворска казна, додека третиот бил осуден условно.
Толкувањата на Кривичниот суд, неофицијално, се дека иако делото е сторено во 2001 година, сепак неговата апсолутна застареност настапува за 40 години. За ова дело Злоупотреба на службената положба по член 353 став 1 од Кривичниот законик е предвидена казна од една до десет години.
Според Кривичниот законик релативна застареност на делото настапува 20 години од извршувањето на кривичното дело за кое според закон може да се изрече затвор над 10 години, додека апсолутната застареност на делото настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење .
Стојков беше уапсен вчера по распишана потерница, а Фокус вчера објави дека му се судело за дело од 2001 година, кога тој учествуваше како командант на „Лавовите” во воените жаришта и беше на функција во МВР.
Стојков беше осуден во случајот „Шпион“ на 9 години затвор, а со пресуда на Апелацискиот суд казната му беше намалена на 3 години и 3 месеци затвор.
Казната во целост ја отслужи во 2016 година. Во „Шпион“ беа осудени 17 лица, за шпионажа, за изнуда и за уцена.
Стојков е поранешен командант на расформираната Единица за брза интервенција „Лавови“ која се формираше во 2001 година.
Ф.Ф.С.