Скопска Апелација ја укина пресудата за очниот хирург Дејан Ставриќ, кој доби една година затвор, дека наводно земал мито од 2.000 евра, за да посредува при добивање на инвалидска пензија и случајот го враќа на повторно судење. Новиот судски процес е закажан за 7 април.
Во решението, кое го добила одбраната на доктор Ставриќ, се наведува дека Апелација ја уважува жалбата и ја укинува пресудата.
– Случајот се враќа на повторно судење на првостепениот суд. Се укажува дека Кривичнот суд сторил битни повреди на одредбата на кривичната постапка со упатство, како да ги утврди фактите и околностите за донесување на правилна пресуда – се наведува понатаму во решението.
Во мај лани, Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда од една година затвор за очниот хирург, откако за само едно рочиште судскиот совет успеа да ги сослуша обвинетиот и сведоците, да ги разгледа доказите, и да донесе пресуда.
Додека до неодамна судските саги траеја со години, сега, судиите повикувајќи се и постапувајќи по новиот Закон за кривична постапка, завршуваат експресно, се во еден ден. Па така, за неколку часа, судот одлучи дека Ставриќ е виновен и дека треба да добие затворска казна.
До правосилноста на пресудата, тој се бранеше од слобода, а неговата одбрана ја обжали пресудата.