На 15-ти ноември ќе започне со работа регионалниот центар каде ќе бидат згрижувани бездомни кучиња кои ќе добиваат ветеринарни услуги од деветте општини на Вардарски плански регион, за „Фокус“ потврди кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Објектот со површина од 5.470 м2 се наоѓа во кавадаречката населба Глишиќ, и таму ќе се згрижуваат бездомни кучиња од Свети Николе, Лозово, Велес, Чашка, Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци и Демир Капија.
Центарот веќе е опремен, било набавено и возило, а наскоро ќе профункционирала и интернет страница на која граѓаните од овие општини ќе можат да пријавуваат бездомни животни.
Овој проект изнесува над 242 илјади евра, обезбедени од Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа.
Првично, на почетокот на годинава, градоначалниците од Вардарски плански регион истакнаа дека центарот треба да започне со работа во мај, но неофицијално, отворањето тогаш се одложило поради административни процедури.
Вики Клинчарова