Во претпладневниот дел на судското рочиште за случајот „Титаник“ се прикажуваа скенирани уплатници ПП-10 од физички лица со назнака донација ВМРО-ДПМНЕ на износи од шест до 60 илјади денари.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова посочи дека тие се уплатувани на неколку исти датуми што се повторуваат и тоа на ист шалтер од исто лице, за што имаат и сведоци кои тоа го потврдуваат, како и дека некои уплатници имаат погрешни имиња, а точни матични броеви.
На почетокот на рочиштето беа изведувани материјални докази. Обвинителката Стефановска посочи дека има околу 5.900 материјални докази и оти со одбраната се согласни доказите да се прикажуваат на екран, а да се читаат само редните броеви под кои се поднесени.
Стефанова рече дека првата група докази се однесуваат на злосторничко здружување и дејствијата преземени во 2011 година. Појасни дека станува збор за злоупотреба на средства за политичка кампања. Беа изведени фактури од фирмите „ДВД ПЕТ”, „Трансмет”, „Секјуриком мултисервис интернационал”, „Полијестердеј”, одземени при претрес во 2017 година, а се однесуваат на периодот 2011-2015 година.
Во судницата беа прикажани и прегледи по налози од аналитички картички, за кои, Стефановска објасни дека покажуваат за тоа како се трошени парите, претходно внесени со уплатниците. Најголем дел од нив се однесуваат на медиуми, како телевизии и радио станици.
Претседател на судечки совет е судијата Осман Шабани кој на почетокот на денешното рочиште констатира дека од адвокатите на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, бил известен дека го откажуваат полномошното за негово застапување во постапката.
Судијата Осман Шабани објави пауза и рочиштето продолжува во 13 часот.
Во „Титаник“, покрај Никола Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.