Градоначалникот на Скопје, по повод 70 години од ослободувањето на Скопје, промовираше кампања „70 години Скопје слободно чекори напред“. Но? Дали е тоа баш така? Дали е можно тоа? Многу скопјани, оние што го сакаат Скопје од срце, навистина сакаат да чекорат слободно, но дали е тоа вистина?
Денес не можеш да одиш слободно во чаршија на забава во „Дамар“ зашто хулигани поддржани од власта, кукавички ќе те нападнат со шишиња и со бејзбол-палки. Денес не можеш слободно да го поминеш Камени мост, еден од вистинските обележја на Скопје, и да отидеш на промоција во „Libraria е Çarshisë“ зашто нарачани и донесени гладни партиски усти јадат растителен кашкавал на мостот, храна принесена од божествата министри.
Денес не можеш да поминеш од улица Македонија на сладолед во „Малага“ зашто власта од шупа издигнува облакодер со народни пари, а за дрскоста да биде поголема, гради со парите од граѓаните уште и фонтана со вмровски ликови од 1,3 милиони евра. Денес не можеш слободно да ги мирисаш липите на булевар ЈНА, ниту слободно да ги шутираш костените од плоштадот зашто некој ги исече дрвјата. Денес не можеш слободно да прошеташ на градскиот плоштад од тарабите на фонтаната од 2,5 милиони евра, ама со многу прскалки.
Единствено слободно може да се прошета покрај плацот на Субрата каде што танчарките играа пред Субрата, Хорхе и Грујо зашто таму тараби и никогаш ќе нема, за среќа, и Скопје нема да добие 50-метарска Mајка Тереза. За жал, Скопје слободно не чекори напред на цела територија. Некаде се пука на партиски состаноци, некаде доминира калта, а некаде никнуваат зданија надвор од деталните урбанистички планови. Во Шуто Оризари слободно ќе чекориш напред само доколку Амди и матурантот го дозволат тоа. Па, денес ниту автомобилот на Гугл не може да се движи слободно затоа што следејќи ги улиците од отчетот на Владата, тргнал по улица што ја нема и удрил во знак.
Скопје да чекори слободно му треба многу повеќе од послушноста на градоначалникот во исполнување на соништата на премиерот. За жал, соништата го менуваат идентитетот на нашиот град и граѓаните во него. Нѐ прават она што не сме, ги трошат нашите пари, кои и ги немаме, нѐ обиколија со тараби, скелиња и со кич. И не само поради Скопје 2014, вистинското Скопје не може слободно да чекори напред. Ќе заглави на златните шолји во театарот, лажните музеи, стиропорот кој почнува да паѓа. Ќе се спрепне на разрушениот постамент на Ќосето, ќе заглави во зелениот бран на Коце у пм (цитат од изјавата на градоначалникот), ќе се угуши од ПМ10 честитките, ќе се повлече пред разулавената маса качена на оградата на Општина Центар.
Не можеш да зачекориш слободно во Автокоманда зашто возилата на влезот во Скопје сѐ уште мислат дека се на автопат. Не можеш слободно децата да ги пратиш во гимназија зашто денот ќе ти почне со читање на црната хроника за тепачки во автобусите и во училишните дворови. Едноставно, денес слободно не можеш да чекориш низ Скопје. Денес не можеш слободно да чекориш по спомен-обележјата на тие што најмногу се заслужни за ослободувањето на градот зашто на некои споменици им фалат делови од телото, кај некои нема пристап заради градежни зафати, а некои едноставно и ги нема. Денес не можеш слободно да чекориш и да положиш цвеќе на споменикот на стреланите скопјани зашто некој, за потребите на Скопје 2014, го тргнал. Се надевам дека притоа не го оштетиле.
Е па, боли лицемерието кога некој зборува дека Скопје слободно чекори напред, а истиот тој градоначалник им забрани на борците да маршираат на градскиот плоштад во Скопје за да го чествуваат славниот Февруарски поход. А, да не зборуваме за голготата низ која поминува Сојузот на борците по одлуката да бидат исфрлени од матичните простории. Затоа, ако сакаме сите да чекориме слободно заедно со нашето Скопје, најпрво ќе ја почитуваме историјата и жртвите што некој ги дал за денес да бидеме градоначалници, пратеници, слободни граѓани. Ако сакаме да чекориме слободно, прво ќе најдеме средства за да ги обновиме сите разрушени споменици и спомен-обележја на најзаслужните за нашата слобода, а потоа ќе бараме пари за нешто друго.
На Скопје му требаат и многу други работи за да биде град во кој ние, заедно со него, слободно ќе чекориме напред. На Скопје треба да му се случи Берлин 1989. На Скопје му треба рушење на тарабите, нетолеранцијата, предрасудите, кичот, губењето на идентитетот. На Скопје му треба рушење, не на еден ѕид, туку на многу политички, културни и националистички ѕидови, ѕидови кои ги делат граѓаните, а се богатат малкумина. Скопје може и мора да биде паметен град, град во кој ќе се контролира потрошувачката на енергијата, ќе се користат зелени извори на енергија, ќе се зголеми просекот на зелени површини по жител, ќе се исчисти Вардар, ќе се растера смогот. Може и мора.
На Скопје ниту му требаат коњи липицанери од Грција, ниту, пак, кочии од Полска. Квалитетот на воздухот во Скопје не зависи ниту од Панорамското тркало, ниту од галиите во Вардар. Загадувањето не се решава ни со гаќите на Прометеј, ниту со врбите. На Скопје, за слободно да чекори напред му требаат крупни долгорочни проекти, проекти не за спотови, туку за скопјаните.
На пример, на Скопје да чекори слободно напред и да дише почист воздух му треба: пешачка зона од Музејот на град Скопје до Старата скопска чаршија, во која ќе се најдат еден сквер на солидарноста пред музејот и три подземни улици (кај музејот на град Скопје, кај „Плеј кафе“ и кај „Мекиците од Стража“). Пешачки проспект кој ќе нѐ спојува културно и ќе биде симбол на обединувањето на Скопје од една страна, но и најефикасна алатка да се забрза протокот на автомобили низ централното градско подрачје (ќе нема потреба од семафори и застанувања), ќе го стимулира пешачењето и возењето велосипед, а со тоа ќе се намали емисијата на гасови.
За да чекори слободно напред, на Скопје му треба еден плоштад, еден мост и едно заедничко живеење на граѓаните на Скопје. Не може да се чекори слободно напред ако од чадот и од смогот не гледаме каде чекориме. Затоа, зелените кровови и ботаничките градини мора да станат наше секојдневие. Крововите на ГТЦ, МКЦ, средните училишта мора да бидат пример за тоа, а градот да го субвенционира секој зелен кров во градот. Наместо стиропор фасада од 1,7 милиони евра, потребни ни се зелени кровови и нови зелени површини.
За да чекориме и да дишеме слободно, мора ВЕДНАШ да се стопираат сите градби на Водно. А и да се избегнат потешки последици како што можеше да се случи со поотпорниот ѕид од градинката Панорама. За да може слободно да чекори напред во 21 век, на Скопје му треба: зголемување на користењето на енергија од обновливи извори, користење на лед-светилки за осветлување, нов студентски град, мост од крајот на Илинденска до Влае и мост на Маркова Река. Расчистување со еколошките црни точки, особено земјиштето под поранешен „Охис“, спортски центар во Сарај и обновување на спортско-рекреативниот центар „Треска“. Слободно и задоволно треба да чекорат и навивачите одејќи на дербито Работнички – МЗТ или дуелот Металург – Вардар.
За Скопје да може навистина слободно да чекори напред, треба да им се врати на тие што го сакаат, тие што се вљубени во него и што решиле да останат во него.
Пред 70 години, партизаните го ослободија Скопје, денес имаме нов предизвик, нова борба, да си го вратиме окупираниот град, зашто јас сакам да чекорам слободно, а Вие?