Вчера на свеченото отворање на театарскиот фестивал „5ре“ во Велес, во чест на легендарниот актер Петре Прличко, наградата за животно дело „Петре Прличко“, ја доби неговиот внук, актерот, музичар, писател и шоумен Игор Џамбазов.
Покрај плакетата со ликот на Прличко, тој доби и парична награда од 30.000 денари, а пред почетокот на фестивалот заедно со градоначалникот Марко Колев, претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков и организаторите од „Плус Публика“, Ненад Витанов и Жарко Спасовски му оддадоа почит на бистата посветена на Прличко во Младинскиот парк, положувајќи свежо цвеќе и сеќавајќи се на богатата ризница која ни ја оставил во наследство.
Џамбазов беше дочекан со огромен аплауз на сцената во Велес, додека од публика својата поддршка му ја даваше неговата партнерка, алпинистката Илина Арсова.
-Вчера ја имав таа среќа да почувствувам нешто што ретко кој го има почувствувано. За да се уверам дека тоа навистина е така, направив интернет-истражување, и не пронајдов таков случај никаде во светот.
Да добиеш награда што го носи името на твојот дедо. И плус фестивал што се вика 5-ре, исто како и неговиот уметнички потпис.
Незаборавна вечер полна со емоции, многу смеење и солзи радосници. И духовити колеги кои отворањето го направија во стилот на ,,Оскарите”. Ви пожелувам на сите по една ваква ноќ во животот.
И добро утро. Одам малку да се порадувам – објави денес Џамбазов.
Вики Клинчарова