Денеска во Скопје стапија на сила мерките за заштита од загадување на воздухот откако два дена по ред на мерните станици во Лисиче и Ректорат е измерено над 150 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, со што е надминат прагот на алармирање.
Од Министерството за животна средина објавија дека „Се препорачува работодавците да ги ослободат од работна бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот“.
Има препораки и до спортистите, да не се организираат натпревари, ни и културните манифестации на отворено.
Министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека МЗ засега повикува на превентивни мерки, но од наредната недела ќе почнат и со ригорозни мерки.
„Ќе има навистина ригорозни мерки за загадувачите. И мораме да се стремиме веќе во зелената еколошка карта да има место и за Македонија“, изјави Меџити.