На штрајк стапува и Управа за матични книги која згреши над 20.000 изводи

by Фокус

Од денеска, штрајкуваат и вработените во Управата за матична евиденција, од каде најавуваат дека додека трае штрајкот нема да се издаваат изводи од матичната книга на родени, венчани и умрени, освен за оние што веќе имаат закажан теермин.

Независниот синдикат објави дека стапуваат во генерален штрајк со барање за колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции.

Како што е познато, Државниот завод за ревизија го чешлаше работењето на Управата во 2019 година, кога ревизорите изразиле неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, а констатирани се и грешки при печатење на изводите.

„Вкупниот број на издадени погрешни изводи во 2019 година изнесува 21 957 изводи, односно 4 проценти во вкупно издадените изводи. Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот во случај на настаната грешка при издавање на изводите“, констатираше ДЗР.

Воедно, ревизијата констатирала и дека се издадени 98.381 изводи повеќе од тоа што стоело во евиденцијата на Управата.

„Ваквата состојба е резултат на ненавременото раздолжување од страна на договорните лица на подрачните одделенија во временски период подолг од еден месец“, стои во извештејот.

Инаку, неделникот Фокус своевремено пишуваше дека од 2019 годинa, за набавките за хардвер, софтвер и дигитализација, Управата потрошила најмалку 1,5 милиони евра, од кои речиси половина милион евра на тендер добила „Новатек инв“, компанија која е регистрирана во Централниот регистар само еден месец пред објавување на огласот и само три месеци пред да се склучи договорот за јавна набавка.

По написите на „Фокус“, Државната комисија за спречување на корупцијата лани отвори предмет по допрен глас, на кој се уште се работи.

Од Министерството за правда, во чии рамки влегува оваа Управа, велат дека се запознато со барањата на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги.

„Ве информираме дека во текот на вчерашниот ден Министерот за правда Никола Тупанчески имаше работна средба со директорот на УВМК Блерим Абази на која беше договорено да се подобри комуникацијата меѓу синдикатот и раководството на УВМК како и да се разгледа можноста за интерни унапредувања и дополнителната мотивација на вработените а се со цел, подобрување на услугите на граѓаните за добивање документи“, велат од таму.

Поврзани новости