На СДСМ е идејата за посебни привилегии на пратениците, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

СДСМ самите ја иницираа темата за посебни повластици на пратениците, но кога се соочија со револтот на јавноста и граѓаните почнаа да ретерираат и да си ја ишкаат мувата од капата.  Тоа е стилот на аболицираниот Зоран Заев и криминалниот картел собран околу него, велат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ откако во јавноста излезе информација дека се разгледува можноста на предлог закон со кој пратениците ќе бидат вработувани во јавната администрација по завршување на мандатот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ наместо да работи во интерес на граѓаните, отвора теми со цел да ја манипулираат јавноста и да дефокусираат од суштинските проблеми кои ги мачат граѓаните како и од погрешните и штетни политики кои како Влада ги водат.

„Тоа што Заев и СДСМ отвораат вакви теми креираат магла со која потоа манипулираат и бараат начин како да ја покријат својата неспособност, немањето капацитет и неработењето. Правата и одговорностите на пратениците се доволно добро уредени. Унапредувањето на нивните бенефиции не само што нема да го подобри животот на граѓаните, туку напротив  ќе предизвикаат дополнителни буџетски импликации. Народните пари треба домаќински да се трошат за потребите на народот за изградба на училишта, болници, патишта, а не за каприци на СДСМ“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости