Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ денеска го продолжуваат самитот во Шпанија за да изнајдат начин да се избегне нова миграциска криза. Една од темите ќе биде и проширувањето.
Италија и Шпанија изразија загриженост поради зголемувањето на бројот на нерегуларни имигранти кои пристигнуваат на нивните острови оваа година, а Грција забележа голема поморска трагедија летото кога загинаа стотици мигранти.
Германија воведе гранични контроли, тврдејќи дека тие се неопходни за да се спречи шверцот на луѓе на нејзина територија, бидејќи оваа година регистрираше пораст на барањата за азил за речиси 80 отсто.
Други земји од Централна и Источна Европа, исто така, воспоставија контроли на внатрешните граници во зоната која обично се смета за отворена за патување во рамките на ЕУ.
Лидерите ќе разговараат за неопходноста од промени во блокот за да се олесни новото проширување. „Иднината на земјите-членки кои се стремат да се приклучат и на нивните граѓани е во Европската унија“, се наведува во нацртот на заедничката декларација, до која Ројтерс имал пристап.
Според АП, лидерите ќе разговараат на темата за проширување, а на самитот, покрај Украина, се поканети и лидерите од Балканот и Молдавија, кои претендираат за членство. Претходно, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја наведе 2030 година како можен датум за прием на нови членки.