„Саемот за вработување“ во организација на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради Коридорите 8 и 10д ќе се одржи утре со почеток во 16 часот во Агенцијата за вработување во Гостивар, а потоа ќе следуваат презентации и во други градови во државата, информира првиот вицепремиер, Артан Груби.
„Градиме за новите генерации, модерна инфраструктура која го поврзува регионот со Европа и ја развива економијата на нашата земјата. Со задоволство ве информирам дека конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој ги гради Коридорот 8 и 10д оваа недела го организира „Саемот за вработување“. Сите заинтересирани за работа ќе имаат можност да се запознаат со можностите што ги нуди овој конзорциум при изградбата на автопатските делници на Коридорите во следните пет години“ – напиша Груби на социјалните мрежи.
Уставниот суд претходно оформи предмет за оценување на уставноста на дел од измените на Законот за работни односи, а кои се однесуваат на прекувремената работа на работниците ангажирани на изведбата на коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум. Предметот е оформен по иницијативата што до Уставниот суд ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Контроверзии и реакции во јавната дебата предизвикаа токму измените на Законот за работните односи. Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.