На Русија може да ѝ се препишат околу 100 сомнителни инциденти во Европа, вели чешкиот министер

by Fokus

Висок европски дипломат изјави дека 100 „сомнителни инциденти“ во Европа оваа година може да и се припишат на Русија. Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски во пресрет на средбата со колегите од НАТО во Брисел истакна дека Европа мора да испрати силен сигнал до Москва дека тоа нема да се толерира.

„Оваа година имаше 500 сомнителни инциденти во Европа. До 100 од нив може да се припишат на руски хибридни напади, шпионажа, операции на влијание“, рече Липавски. Прашањето за руските хибридни закани беше една од главните теми на дводневниот состанок на НАТО во Брисел што заврши денеска.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека и Русија и Кина се обиделе да ги дестабилизираат европските земји и да ги поделат европските општества преку саботажи, сајбер напади и енергетски уцени.

Руте додаде дека НАТО се согласил за серија мерки за спротивставување на „непријателските и сајбер активности на Русија, вклучително и подобрено споделување разузнавачки информации, повеќе вежби, подобра заштита на критичната инфраструктура и подобрена сајбер одбрана“.

Говорејќи денеска во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека неговата земја се соочува со значителна закана од саботажа и од Русија и од Кина. Тој ја истакна потребата земјата подобро да се подготви за напади и да стане поотпорна, пишува The Guardian.

Во последниве години, европските земји беа сведоци на низа инциденти – сајбер напади, подметнати пожари, запаливи направи, саботажи, па дури и заговори за атентат. Целта на ваквите акции, сметаат безбедносните претставници, е да се сее хаос, да се влошат социјалните тензии меѓу сојузниците на Украина и да се прекине военото снабдување на Киев.

Загриженоста во Европа за потенцијалните руски хибридни напади се интензивираше откако Украина доби овластување да користи американски и британски ракети со долг дострел во нападите во Русија.

Во ноември, Руте предупреди дека руската кампања за хибридни напади покажува дека Москва брзо ја префрла линијата на фронтот од Украина „кон балтичкиот регион, Западна Европа, па дури и до крајниот север“.

Европските разузнавачки служби проучуваат серија сомнителни руски операции.

Поврзани новости