Ирена Лозана е активистка и борец за правата на децата со атипичен развој. Таа е мајка на три деца, од кои едното има аутизам. Вчера таа на социјалните мрежи сподели објава во која опишува како поминал роденденот на нејзиот син Кан во една скопска игротека, на кој дошле само две другарки од одделението.
Ирена порачува дека иако родителите на децата мислат дека нивното присуство можеби нема да значи многу, треба да бидат свесни дека отсуството значи уште повеќе.
„На роденденската забава како што може да видите имаше само две другарки од неговото одделение, нашето семејство и вработените во игротеката (кој беа прекрасни домаќини).
Да ми се случеше ова пред неколку години кога Кан бесе помалечок и додека сè уште бев во тага и во збунетост веројатно ќе плачев цел ден и ќе се секирав што ќе биде со моето дете и каков неспособен родител сум јас, и веројатно ќе се решев да се изолирам уште повеќе и никогаш да не направам ни забава за него ни ништо. Јас знам дека многу посебни родители го чувствуваат истово секој ден.
И фала Богу не сум таму веќе неколку години наназад, работам силно на себе и на подигање на свеста на моето семјство и на другите околу мене.
НО за жал многу семејства не се во оваа состојба, голем број семејства поточно родителите на децата со посебности се изолираат од страв, од тага па дури и со гнев на сè што се случува околу нив.
И сега после ова веќе сме подготвени да одбереме страна и да кажеме … На што личи ова како можеле вака родителите на другите деца….и да ги обвиниме и да станат лошите во приказнава.
Не го пишувам ова за да го зголемам гневот и осудата, напротив не сакам да ги обвинувам родителите на децата од нашето одделение што не ги донеле децата…Знам дека секој има свои обврски и дека сите сме презафатени со себе и со своите проблеми.
И знам дека колку и да мислиме дека сме инклузивни подсвесно стравот од различното некаде длабоко ќе превладее да не се ангажирам повеќе и да направам нешто посебно.
Така и сега, знам дека никој не мислел лошо и дека никој не помислил дека неговото отсуство ќе направи толку голема дупка. НО дупката се случи.
Тажно е, но сè помалку сакаме да преземеме лична одговорност за нештата во нашиот живот и за луѓето околу нас бидејќи мислиме дека одговорноста да се биде инклузивен е тешка работа. Треба само да разбереме дека за да се биде инклузвен потребно е само да се сака и да се има волја.
Позитивната дискриминација е повеќе од потребна бидејќи негативната дискриминација е огромна..Тоа значи дека ако едно дете со попреченост и едно вакво семејство се охрабриле да направат забава бидете таа светла точка и покрај сè да им го направите денот поубав и тие родители да добијат повеќе волја да не се затворааат дома.
Вашето присуство можеби мислите дека не значи многу но вашето отсуство може да значи уште повеќе. Кога велам присуство не мислам само на физичко присуство туку многу поважно, присуство и свесност за сопствените акции и постапки. Сепак секој сака да види поубав, порадосен и поспокоен свет околу себе. На секој од нас е да го создаваме тој свет“, порачува Ирена.