Од Клиниката за онкологија велат дека бројот на пациенти е во постојан пораст и не може однапред најпрецизно да се предвиди и определи динамиката на потрошувачката на биолошката терапија. Како што додаваат, располагаат со преглед на потрошувачката на количините на постојните пациенти.
Велат дека Клиниката за онкологија е на располагање за обезбедување на регистар во форма која е неопходна за потребите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), со цел да се обезбеди јасен и транспарентен начин за евиденција на биолошката терапија.
„Став на стручниот колегиум е дека генеричките, постари лекови треба да се стват на позитивната листа, бидејќи преку условен буџет се уште се набавуваат лекови постари од 20 години што не е иновативна терапија. Регистарот за рак, пак, ќе остане нефункционален додека не се обезбеди адекватен кадар – оддел, за континуирано ажурирање на податоците, со оглед на обемот на работа и преоптовареноста на постојниот персонал“, велат од Клиниката.
Еден од предлозите, како што се вели во соопштението од Онкологија, е ФЗО и Министерството за здравство да ја тендерираат набавката на лекови од условен буџет според реалните потреби на клиниката и останатите онколошки одделенија.
„На Клиниката има јасен преглед на пациенти заболени од канцер по различни туморски локализации, односно има јасен увид во протокот на пациенти во амбулантско поликлиничкиот дел, дневната болница и болничките оддели“,пишува во соопштението од Онкологија.
Клиниката има систем за следење на пациентите и е една од првите клиники во јавното здравство во државата што од 2006 година има свој болнички информатички систем што редовно се надградува и се синхроинизира.
„Стручниот колегиум, по подолг застој, последните две години функционира во полн состав. Воведен е онколошки конзилиум на кој се разгледуваат сите пациенти на кои им се препишува биолошка терапија за вклучување и/или следење на ефикасноста на терапијата“,велат од клиниката.