Група граѓани денеска се собраа на Камени мост во знак на протест против преквалификација на делото во случајот со малиот Алмир Алиу, кој беше прегазен на 25-ти јуни 2016 година во Куманово. Протестот е со предупредувачка нота, затоа што утре ќе се одлучува дали делото ќе се преквалификува од „убиство“ во „сообраќајна несреќа со смртни последици“.
Демонстрантите на денешниот протест изразија осуда за обидите да се направи преквалификација. Според нив од сите докази произлегува дека кај обвинетиот постои намера за убиство.
„Жалиме што јавната обвинителка во случајот не успеа да издржи до крај и подлегна на некакви притисоци, и побара мислење од вишото јавно обвинителство. Не мислиме дека овој случај е за во вишото јавно обвинителство или Обвинителството на РМ затоа што е едноставен случај што не бара научни докази за да се види дека се работи за класично убиство, и никако за друго кривично дело“, рекоа демонстрантите.
Тие побараа од Јавното обвинителство на Република Македонија, и од јавните обвинители, стручно и совесно да ја вршат нивната функција и да одлучат како што предвидува правото и правдата, односно да не го преквалификуваат делото.
„Во случајот, како што се гледа и од видео снимките, се работи за класично убиство, извршено со умисла. Не сакаме и овој случај да биде од еден од тие во коишто, по кој знае кој пат, ќе констатираме постоење на селективна правда. Не смееме да дозволиме делењето на правда да зависи од етничката припадност на обвинетиот, на жртвата или на други учесници во постапката. Се надеваме дека конечно правото во Република Македонија ќе профункционира , и дека ќе се почитуваат правните норми“, порачаа граѓаните.
Тие пред зградата на Јавното обвинителство положија цвеќе за Алмир.
За убиството на малиот Алмир му се суди на Бобан Илиќ. Осомничениот се товари дека го прегазил четиригодишниот Алмир на улицата „Борис Кидрич“.
За истиот настан против три други лица, инаку, таткото на детето, Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“.