Во 2011 година, тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ го промовираше владиниот проект изградба на 145 училишни спортски сали, чија цел според екс премиерот Никола Груевски беше да се унапредат училишниот спорт, здравјето и здравите навики на учениците.
Како што објави неделникот „Фокус“, за да се реализира целиот овој проект, преку Министерството за образование, веќе неколку години се ангажирани повеќе луѓе на договор на дело, кои добиваат вртоглави хонорари, а во меѓувреме се вработени во самото министерство или во други министерства, имаат свои приватни фирми, работат како шефови на кабинети… Тие своите „дебели“ хонорари ги добиваат, дел од кредитот од ЕБОР, дел од буџетот на МОН.
„Фокус“ располага со фактурите за мај, на кои може да се види колкави хонорари земале луѓето што биле ангажирани за проектот изградба на 145 спортски сали, а сумите се движат од 1.000 до 2.000 евра. На платниот список биле ставени 11 лица, а исплатите оделе преку Авторско правно биро.
Според документите, како проект менаџер на целиот тим фигурира Андреј Прасинов, кој нормално има и највисок хонорар, кој изнесува речиси 2.000 евра. Откако започнал проектот, тој е анонимен лик, за кој малку се знае во јавноста, а кој цело време во позадина ги „менаџира“ работите. Од тоа што успеавме да дознаеме за него, тој има и приватен бизнис, а документите од Централниот регистар покажуваат дека на негово име има фирма за проектирање, инженеринг и градежни работи. Станува збор за фирмата „Идеа тек дизајн дооел“Скопје, основана пред само четири години, на 7 февруари, 2013 година. Според податоците од Централниот регистар, Прасинов истовремено е и сопственик и управител на фирмата. Како што дознаваме, тој е шура на Илчо Ѓорѓиоски, кој од 2012 година седи на претседателското столче во фудбалската федерација (ФФМ), а во јавноста е познат и по неговите блиски релации со екс премиерот Груевски.
Според пишувањата во медиумите, фирмата на Прасинов го вршела надзорот на изградбата на центарот „Петар Милошевски“ за кој од ФФМ потрошиле 1,8 милиони евра само за соблекувалните од 500 метри квадратни.
Според документите со кои располагаме, на листата можат да се најдат имињата на уште десетмина чии хонорари се движат од 850 до 2.000 евра.
И.М.