Комисија од еминентни професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 се повлекла и одбила да му ја нострифицира специјализацијата од Косово на анестезиологот Ваљтон Дервиши (43) – осомничен за несовесно работење во службата и неовластено снимање.
Специјализацијата, му е потпишана во 2015 од тогашниот министер Никола Тодоров.
Дервиши пет дена е во притвор, откако на ТикТок ги објавуваше пациентките на Гинеколошкиот оддел на Клиничкаа болница во Тетово.
Снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, па полицијата го приведе анестезиологот.
Случајот во полиција го пријави директорот на тетовската болница – Плумб Вела.
Дервиши доби осумдневен притвор по предлог на Обвинителството.
Лекарот дипломирал на Приштинскиот универзитет во 2007 година, потоа почнал специјализација на Медицинскиот факултет во Скопје, но ја прекинал и ја продолжил специјализацијата во Приштина.
Во 2014 година побарал тука да му се нострифицира специјализацијата. Петчлената комисија од Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје два пати заседавала и побарала дополнителни документи и објаснувања од колегите на Приштинскиот факултет. Откако не добила документи не донела одлука за нострификација, по што се повлекла, меѓу другото и поради политички притисоци од партиски моќници, пишува „СДК.мк“.
Информациите се дека тој е вработен во времето на претходниот директор на Тетовската болница, д-р Флорин Бесими, кој си поднесе поставка по пожарот во монтажната ковид-болница на 8 септември 2021, кога загинаа 14 пациенти.
Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова кажа дека Обвинителот на Судот на честа на Лекарската комора достави обвинение против Дервиши заради времено одземање на лиценцата за работа. Максималната казна е 7 години да биде одземена лиценцата.