Доколку итно не се разрешат состојбите со професорите од Штипскиот универзитет и барањата на СОНК, синдикалците денеска најавија донесување на одлука за генерален штрајк на образованието, науката и културата од 1-ви септември годинава.
На вонредната седница одржана во петокот, расправајќи за најактуелните состојби, а со посебен осврт за штрајкот со глад на тројцата професори, инертниот однос на надлежните во врска со овој случај, СОНК одлучи и дека на 1-ви август оваа година, синдикацлите ќе организираат јавен протест пред Министерството за образование и наука.
„Им изразуваме јавна благодарност на медиумите кои објективно и редовно информираат за сите значајни активности на нашиот синдикат. За оние кои ги игнорираат случувањата кои се од битен интерес за државата, СОНК најблаго кажано, изразува жалење за таквото однесување, особено за медиумите кои се финансираат од законската обврска за плаќање на радио – дифузна такса, како и од дотации од буџетот , што значи од даночните обврзници на државата.
СОНК пред Собранието и пред Агенцијата за медиуми ќе покрене постапка за преиспитување на законската обврска за плаќање на радио – дифузна такса за да се спречи обврската за плаќање, која се користи за селективно информирање“, алармираат синдикалците.