Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го одби приговорот на одбраната на обвинетиот Ѓоко Поповски во предметот „Триста“ и во целост го прифати обвинителниот акт на СЈО против него.
Следува обвинителниот акт да биде распореден на судија за понатамошно постапување согласно АКМИС системот. Откако ќе бите распореден предметот, судијата ќе треба да закаже термин за одржување главна расправа.
– Советот за оценка на обвинителен акт, во состав судија Верка Петковска како претседател на совет и судиите Горан Бошевски и Татјана Михајлова, постапувајќи во оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникацииите (СЈО) со НСК – КО бр. 6/17 од 29.06.2017 година против обвинетиот Ѓ.П. донесе решение со кое приговорот на одбраната на обвинетиот се одбива како неоснован, а обвинителниот акт се одобрува во целост – соопштија денеска од Судот.
Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е обвинет дека ја злоупотребил службената должност при набавка на 300 полициски возила по неповолна цена. Во овој предмет „бомбите“ поврзани со делото ќе бидат употребени како доказ во постапката откако Апелација ја прифати жалбата на СЈО и го преиначи решението на Кривичниот суд, кој претходно ги издвои прислушуваните разговори од предметот. Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 28 милиони денари.