Неделков ги остава отворени сите можности – и за договор и за повторен штрајк

by fokus

Генерално е постигнато усогласување на некои ставови, но не можам уште сега да тврдам дека ќе се постигне договор или, пак, дека штрајкот повторно ќе биде активиран, изјави претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК), Јаким Неделков, по денешната рунда преговори во Министерството за образование и наука

Она што генерално е усогласено е околу колективниот договор, но и тоа треба да се допрецизира.

-Имавме средба, преговаравме буквално за сите прашања, усогласивме генерално некои ставови во однос на колективните договори и што се ќе има внатре, меѓутоа не се до крај прецизирани. Треба да бидат потпишани во периодот од 1 до 31 септември. Има некои технички проблеми поради кои мора да започне учебната година за да се реализираат тие одредби од колективниот. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се обраќаме до Министерство за финансии за анализа и проверка колку средства ќе бидат потребни и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени коефициенти на инфлација, пораст на минимална палта, итн. Приближно тоа се точките за кои разговараме, мора веќе да завршиме наредната недела каде јавноста ќе биде запознаена, изјави Неделков.

Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, додаде тој, тоа ќе зависи од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Сè е отворено, сè уште не можам да дадам ветувања за една или друга опција

-Продолживме со разговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, очекувам да имаме конечен договор, изјави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по новата рунда преговори со делегација на СОНК.

На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за 18-процентно зголемување на платите на просветните работници како што бара Синдикатот, министерот рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение.

– Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема, истакна Шаќири.

Поврзани новости