На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, обвинителката Лиле Стефанова продолжи со презентација на материјални докази.
Таа прикажа документи од основање на фирмите, со детали за основачите и управителите, кои се споменуваат во обвинението, а преку кои се тврди дека екс премиерот Никола Груевски тајно ги купил парцелите на Водно.
Адвокатите, пак, реагираа дека овие докази биле обезбедени на нелегален начин, односно без наредба за одземање на докази.
– Доказите се обезбедени на нелегален начин, без наредба, која не ни е презентирана, истакна адвокатот Тони Менкиновски, кој праша дали доказите биле обезбедени за потребите на друга истрага, а не за „Плацевите на Водно“.
Тој приговараше на оваа околност, но судијата Илија Трпков го одби неговиот приговор.
За овој случај обвинети се екс премиерот Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.
Но, Груевски не платил во кеш или од лична сметка, туку според обвинителството, за да го скрие потеклото на парите, побарал од неговиот кум Новачевски, кој веќе имал регистрирана офшор-фирма во Белизе, жиро-сметката да му биде на располагање.
Па затоа, летото 2012 година била основана фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, а на сметката во неколку наврати легнале парите на Груевски, стекнати преку донации за партијата. Со нив, пак, потоа биле исплатени две парцели, со вкупна големина од 11.000 квадратни метри.
Од обвинителството откриваат и дека по објавата на „бомбите“, кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели, се прави обид да се прикрие вистинскиот сопственик, па Новачевски ја пренел сопственоста на друго правно лице. Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка Холдинг“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали.
В.В.