На млада пациентка од Валандово за време на операција на миом во Општата болница во Струмица по грешка и ги подврзале двата мочни канали, со што прекинала да мокри и во последен момент и ги спасиле бубрезите, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, пациентката во октомври била оперирана на гинеколошкото одделение во болницата, при што лекарите за време на интервенцијата и ги подврзале мочоводните канали што го поврзуваат бубрегот со бешиката, со што таа поминала цело патешествие по здравствените лавиринти низ болниците.
Најпрвин, настанал проблем откако не можеле да откријат зошто не можела да мокри, па тоа го вклучило црвениот аларм – што всушност се случило за време на хируршкиот зафат?
Нашите извори уште тврдат дека откако на пациентката и се појавиле здравствени проблеми, поточно прекин во мокрењето, два дена по операцијата и била направена компјутерска томографија, на која можело да се забележи повреда на уретрите.
Тоа значи дека гинеколозите кои ја извршиле интервенцијата направиле лекарска грешка, за која ако немало брза реакција од страна на самата пациентка можела да остане без бубрези.
Како што дознаваме и биле направени и неколку дијализи, додека да се направи и операција за да и профункционираат нормално бубрезите.
„Не ми е јасно како може да се случи такво нешто при операција на миом. Само можам да кажам дека пациентката имала среќа. Кој хорор го претрпела. Значи, еднаш засекогаш треба да се знае кој како работи и што работи. После таква интервенција да ги врзеш мочните канали е немам зборови“, велат нашите извори.
ПРЕТСТАВКА ОД ПАЦИЕНТКАТА ДО ДСЗИ
Сепак, според нашите информации, младата пациентка не ги остава така работите, па веднаш испраќа претставка до Државен здравствен и санитарен инспекторат, кои експресно иницираат стручен надзор во Струмичката болница.
Ваквите информации на „Фокус“ ги потврдија и од ДСЗИ, од каде што информираат дека до нив е поднесена писмена пријава од адвокат, полномошник на пациентката.
„Извршен е вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ ОБ Струмица каде што на гинеколошко-акушерското одделение е извршен хириуршки зафат кај пациентката. Бидејќи два дена по интервенцијата е констатирано дека кај пациентката доаѓа до прекин на мокрењето, креирани се упати за трансферирање до ЈЗУ УК за нефрологија и ЈЗУ УК за урологија.
Пациентката не се јавила на преглед во наведените здравствени установи , но со возило на Итна медицинска помош од Струмица е транспортирана во Ургентниот центар на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ -Скопје“, се наведува во одговорите од ДСЗИ.
Понатаму, од институцијата информираат дека веднаш бил повикан уролог, кој извршил преглед и ја препратил на понатамошни испитувања.
„Креиран е упат за биохемиски иследувања во ЈЗУ Клиничка биохемија, но пациентката на свое барање го напуштила Ургентниот центар и со истото возило на Брза Помош е транспортирана до приватна здравствена установа каде е продолжено лекувањето.
Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е извршен вонреден инспекциски надзор во установите каде е лекувана пациентката, обезбедена е комплетната медицинска документација и инициран е стручен надзор до Министерот за здравство“, се наведува понатаму во одговорот од ДСЗИ.
Ирена МУЛАЧКА