Фестивалот Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, а потврда за тоа е високата оценка од Асоцијацијата со која Охридско лето се искачи на високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА и токму затоа како што вели Поповиќ, секој агол во градот сам по себе е сцена, но голем бенефит е да се има еден таков објект што ќе може да се користи кога дождот ќе го попречи најавениот настан на отворено во лето или, пак, во текот на останатиот дел од годината, кога временските прилики не дозволуваат одржување настан на отворено.
Со својата традиција, фестивалот Охридско лето е најзначајната културна манифестација во државава, но и огромен предизвик да се сочува неговото реноме со повеќе од шестдецениско постоење. Многу е лесно да се урне нешто што толку долго и макотрпно се градело, но да се продолжи и зголеми квалитетот, тоа е навистина макотрпна работа. Тежината се чувствува во таа смисла, фестивалот да опстои на своите патеки и секое следно издание да биде сè поуспешно, вели во интервју за „Фокус“, директорката на манифестацијата Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Таа, успесите на фестивалот, во април годинава ги презентираше и на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија, во чии рамки се одржа и 70-то Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), асоцијација во која членува и Охридско лето.
– Како почесен делегат на ЕФА нагласив дека членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, а потврда за тоа е високата оценка од Асоцијацијата, со која Охридско лето се искачи на високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА, додава Поповиќ.
Според неа, Охридско лето е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите, создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра.
ФОКУС: Може ли Вашиот ангажман на некој начин да се квантифицира? Колку часови, денови, колку работно време е потребно да се подготви фестивал од овој формат?
ПОПОВИЌ: Веќе сум во вториот четиригодишен мандат како прв човек на оваа национална установа со светско реноме. И во првиот мандат, и сега, темпото на работа не е ни малку намалено. Деновите и часовите поминати во извршување на моите работни обврски никогаш не ги бројам. Тие за мене се величествени мигови поминати во разговори и договарања со прекрасниот тим на Охридско лето, со извонредните селекторки на музичката и театарската програма, со моите колеги-уметници, кои се докажани во тоа што го работат, како и со нашите ценети спонзори, помагатели и поддржувачи на фестивалот. И сево ова не се случува само пред почетокот на фестивалот, туку во текот на целата година, откако ќе заврши последното издание, па сè до почетокот на следното.
А во текот на фестивалот, од 12 јули до 20 август, јас сум деноноќно со моите колеги, со селекторките и уметниците, во дирекцијата, на сцените каде што мора сѐ да е беспрекорно за настап, на вечерните концерти…
ФОКУС: Дали оваа година ќе имаме специјални гости во Античкиот театар. Колкав ангажман и енергија се потребни за да се организираат да прифатат да настапат во Охрид?
ПОПОВИЌ: И оваа година, Охрид, во фестивалскиот термин ќе живее со висококвалитетна уметност. Програмата е веќе објавена и во неа се исклучително вредни уметнички имиња од светот на класичната музика и театарот. Како специјален гостин на Античкиот театар годинава би го најавила светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович, кој ќе настапи во рамки на драмската програма на 26 јули. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“, во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин, кој ќе се запише во листата на најголемите уметници што настапиле на Охридско лето.
Кога се работи за звучни имиња од светот на уметноста, кои однапред ги имаат утврдено своите настапи, тогаш навистина е тешко да се договорат. Понекогаш се потребни и години за тоа, но и упорност и огромна енергија.
ФОКУС: Кои се одговорни оваа година за Програмата и кои се параметрите што си ги поставивте при составувањето на програмата?
ПОПОВИЌ: Програмата ја креираме со селекторките на музичката и драмската програма, маестра Бисера Чадловска и прекрасната актерка Сања Арсовска. Единствениот параметар според кој се прави фестивалската програма е квалитетот – добри уметници со одличен репертоар, кои засекогаш ќе бидат врежани во меморијата на присутната публика.
ФОКУС: Дали фестивалот Охридско лето се дисперзира низ државата. Со какви мотиви, програмски активности на фестивалот се одржуваат во друг период и во други градови низ државата?
ПОПОВИЌ: Не, Охридско лето припаѓа на Охрид и никогаш нема да се дисперзира, впрочем затоа и го носи тоа име. Но, поради сцените на отворено и немањето соодветни услови за одржување вакви настани во зима, одлучивме новогодишниот концерт во наша организација да се одржи во Скопје, каде што во пресрет ни излегуваат Националната филхармонија и Националната опера и балет, а за останатите концерти преку годината, наш примат останува црквата „Света Софија“. Инаку, веќе стана традиција, концерти да организираме, не само во стандардниот фестивалски термин во лето, туку и неколку концерти во текот на останатиот дел од годината. Нашата мисија е создавање и ширење на вистинските културни вредности и затоа сакаме културата да живее преку целата година.
ФОКУС: Вашата професионална и лична биографија е тесно поврзана со традицијата на Охридско лето, како музичарка и професорка по пијано повеќе од 21 година, со охридско потекло по мајка-музичарка. Колку сите овие моменти ви помогнаа во раководната функција на фестивалот и ви помагаат во неговата реализација?
ПОПОВИЌ: Охридско лето е мој дом уште од мали нозе. Растев заедно со него. Детските летни ноќи во родниот Охрид ги поминував токму на фестивалските столчиња во црквата „Света Софија“, заедно со мојата мајка, ценетата професорка по флејта, Радмила Поповска. Неретко заспивав, опиена од музиката што ја исполнуваше катедралата. Како и секоја мајка што е подготвена да даде добар и искрен совет, и мајка ми, која цел работен век го помина во светот на класичната музика, е моја огромна поддршка. Исто така, и тоа што јас сум повеќе од две децении професорка по пијано игра голема улога во реализацијата на фестивалот. И светот на класичната музика каде што природно припаѓам, и менаџирањето, веќе ми се добро познати, така што успешно пливам и се справувам со секој предизвик.
ФОКУС: Што му недостига на фестивалот Охридско лето, но и на градот Охрид, а во функција на понатамошен раст и развој на фестивалското реноме?
ПОПОВИЌ: Во сите мои интервјуа потсетувам дека на Охрид му недостига затворена концертна сала со добра акустика. Знаете, секој агол во градот сам по себе е сцена, но голем бенефит е да се има еден таков објект што ќе може да се користи кога дождот ќе го попречи најавениот настан на отворено во лето или, пак, во текот на останатиот дел од годината, кога временските прилики не дозволуваат одржување настан на отворено.