На насмеаниот убиец му се заканува смртна казна, обвинет е и за федерални кривични дела

by Fokus

Луиџи Манџионе, осомничениот за убиството на извршниот директор на United Health Insurance, Брајан Томпсон, обвинет e и за федерално кривично дело – убиство и следење, покажуваат судските документи.

Доколку тој биде обвинет за федерално кривично дело, тоа би значело дека обвинителството би можело да побара и смртна казна, која со децении е забранета во Њујорк, пренесува Гласот на Америка.

Портпаролот на американското обвинителство на Менхетен одби да ги коментира наводите.

Овие обвиненија се во прилог на постоечкото обвинение кое го поднесе окружниот обвинител на Менхетен, а во кое се товари за убиство и тероризам, пренесува Voice of America.

Федералните обвинители го обвинуваат Манџионе со неколку точки: федерално кривично дело убиство со огнено оружје, следење, нелегално поседување придушувач за пиштоли.

Обвинителите веруваат дека тој го планирал нападот со месеци, а мотивот бил презир кон индустријата за здравствено осигурување и богати директори на компании.

Во федералното обвинение, исто така, се наведува дека кога Манџионе бил уапсен, полицијата нашла тетратка со неколку рачно напишани страници, а белешките од 22 октомври укажуваат дека тој планирал да „удри“ на некој директор на конференција за инвеститори во хотелот Хилтон на Менхетен, каде што беше убиен Томпсон.

Манџионе денеска беше приведен во Њујорк, откако се откажа од барањето да не биде екстрадиран од Пенсилванија, каде што беше уапсен по пет дена во бегство.

Претходно оваа недела, големата порота во Њујорк го обвини Манџионе по 11 точки – вклучително и убиство од прв степен и убиство како терористички чин.

Манџионе е во затвор од неговото апсење и допрва треба да ја признае вината. Неговата адвокатка од Њујорк, Карен Фридман Ангифило, рече дека обвиненијата против Манџионе се претерани.

„Наводната одлука на федералните власти, за се ова за што веќе е обвинет Манџионе, е крајно невообичаена и покренува многу прашања за уставноста. Против сите обвинувања ќе се бориме на суд“, рече таа.

Манџионе беше уапсен во Пенсилванија на 9 декември, пет дена откако го застрела Томпсон пред хотел на Менхетен. Надлежните ова го оценија како убиство со умисла.

Според Гласот на Америка, одредени Американци, незадоволни од високите трошоци за здравствена заштита, го прогласија Манџионе за „херој“.

Поврзани новости