Вицепремиерот, Артан Груби, негира дека на синоќешниот митинг на ДУИ во Чаир биле злоупотребувани службени возила од страна на функционерите од оваа партија.
-Не верувам дека го правеле тоа, премногу се искусни. Јас никогаш не сум ја возел службената кола. Шоферот ме зима, ме носи дома и за викенд со мојата кола си се возам заедно со моето семејство – рече Груби во вечерашното гостување на Том тема на Телма.
На прашањето дали го прекршува етичкиот кодекс кога промовира партиски настани преку фејсбук профилот, кој е официјален профил на вицепремиерот, Груби рече дека акаунтот е приватен.
-Тоа е приватна страница. Јас претходно бев пратеник, политичар, шеф на кабинет. Со државни пари не сум промовирал, не сум плаќал. Тоа е мој приватен профил и правам што сакам. Ако играм фудбал, фудбал, ако играм баскет, баскет, ако објавувам за плав океан, тоа е моја работа – рече вицепремиерот.
На обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека фирмата на неговиот брат наплатила за туристички услуги од државни институции, Груби рече дека фирмата добила средства од Владата како помош што државата ја даваше за сите компании во време на пандемијата.