Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Собранието ја претстави програмата на новата влада. Кратко и брзо кажа дека нема да бара 100 дена меден месец, најави инвестиции веднаш, економско заживување, зголемување на пензиите и платите, инвестиции во образованието, здравството и културата.
Веќе во вторник најави инвесиција од повеќе од 400 милиони евра, наламување на даноците, но и одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди.
Економско заживување, зголемување на пензиите и платите, инвестиции во образованието, здравството и културата, борба против корупцијата, одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди, најави мандатарот и премиер на новата влада Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за се јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеке од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите, рече Мицкоски.
Кажа дека ќе бара напорна работа од секој министер и член на владата, евалуација на нивната работа и одговорност. Спомена дека новата влада ќе го продолжи европскиот пат, но не ги спомена уставните измени.
Најави градење на добри односи со нашите соседи и негување на меѓуетничките односи.
– Работата на сите предложени кандидати за јавни функции ќе биде предмет на постојана ревизија и евалуација и ќе има место само за тие со јасна волја, кои се посветени на државата и народот и кон исполнување на програмата, и кои ќе бидат блиски до народот и ќе имаат јасен, морален и професионален компас. Накусо оние кои ќе бидат луѓе. Јас разбирам дека грешки се возможни, но грешки кои ќе се исправаат затоа што динамиката која ја планирам е пеколна, темпото ќе биде силно затоа што народот очекува од нас резултати, одговорноста која ја имаме е огромна. Се работи за нашиот образ. И за нашата чест. Неморал и потфрлања нема да толерирам. Кој нема да може да се носи со тоа не е погрешно ниту грев да каже, или заедно да утврдиме, и да ја промени позицијата или да биде реконструиран од постојната. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани од нашата коалиција без разлика од која партија доаѓаат, истакна Мицкоски.
На опозицијата и порача дека има подадена рака и дека е подготвен да разговара за сите отворени и важни прашања.
– Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал, рече Мицкоски.
Додаде дека владата ќе остане посвеена на европските интеграции и дека ќе работи ангажирано на усогласување на политиките со европските стандарди, унапредувајќи ја целта за полноправно членство во Европската Унија.
– Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет, рече Мицкоски.
Централно место во мисијата на владата, како што посочи, ќе биде економското заживување најавувајќи силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии, поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија.
– Мора да постигнеме раст на БДП до 5 проценти годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата. Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите, рече Мицкоски.
Собраниската седница ја следат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на диломатскиот кор.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ.
Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници. Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Владата ќе брои 24 члена.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.