Од три до осум години затвор му се закануваат на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како обвинет во случајот „Тортура“, а за кој денеска ќе биде соопштена пресудата во Кривичниот суд. Истата казна им се заканува и на обвинетите шестмина припадници на поранешните „алфи“.
Поточно, обвинетите се гонат за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ за што е запретена затворска казна од три до осум години.
Предметот го отвори поранешното СЈО, а се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори.
Обвинителството тврди дека при апсењето на Бошкоски имало мачење, односно била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на тоалет кај ресторанот „Воденица“, и бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат.
Одбраната, пак, тврди дека обвинетите се невини, односно дека обвинителството нема докази и обвинението се темели на претпоставки.
Мијалков се наоѓа во притвор во истражниот затвор “Скопје”, а тој веќе е осуден на 12 годишна казна затвор за “Таргет и Тврдина” и 8 години затвор за “Трезор”.
В.В.