На покачен шеќер во крвта на малата Јана и дале гликоза во инфузија, сведочи таткото Стојче Христовски, пренесува порталот „Зелена берза“.
Оттаму пренесуваат дека девојчето било родено здраво, според кажувањето на родителите и без ниту една посериозна болест констатирана од лекарите досега.
Информациите кои ги пренеле родителите на починатото девојче се дека „вчера, на покачен шеќер 9-ка, по приемот во Битолската болница на шест годишната Јана и дале гликоза во инфузија, па шеќерот во крвта и се покачил на 19 единици“ сведочи таткото на Јана – Стојче Христовски од село Кравари.
Тој вели дека детето немало ни температура, тука само била омалаксана, бидејќи дома еднаш повратила.
„Пред три дена девојчето крена температура 37,7 и дадовме сируп и спадна и вечерта немаше ништо. Но исто како пред Нова година што му потекоа капаците од очите и солзење, така и завчера и потекоа капаците. Вчера сабајлето ја однесовме на болница оти вечерта и се слоши и поврати. Пред да одиме на лекар ја болеа мускулите и за да не се мачи отидовме во Болница. При првиот преглед на крвта шеќерот и беше 9, и кажавме на докторката дека е дехидрирана дури и не можеа ни крв да и земат. По овој резултат докторката и даде инфузија со гликоза, а на сопругата и кажа дека шеќерот е покачен заради повраќањето. Почнаа да ни прават анализи на крвта, ни кажаа да седиме додека резултатите не бидат готови, кај 12 часот. По првата инфузија шеќерот во крвта се покачи на 19 единици. Ќе и ставаа втора инфузија, но не успееја, чупето почна да се губи“ – сведочи таткото Стојче Христовски.
По оваа состојба веќе бил вклучен „црвениот аларм“ кај лекарите од Педијатрија, па повикале и други лекари анестезиолози напомош, а се консултирале по телефон и со други лекари како да постапат.
„Настанаа паники, дојде лекар од анестезиологија и малку ја повратија, со инсулин. Не знам што ставија, но слушнавме дека моето дете му одговори како се вика. Им рече дека е -Јана. По кратко време лекарите си заминаа, а девојче пак се изгуби. Итно ја зедоа на Интензивна, додека лекарката од Детско бараше на телефон совет како да постапува“, вели Стојче.
Следувала шокантна веста од Интензивна – Јана починала.
Сега семејството Христовски ги чекаат резултатите од обдукцијата, по што ќе знаат како ќе постапат понатаму и дали ќе бараат одговорност за лекарска грешка.
Малата Јана ќе биде погребана утре на селските гробишта во Кравари.