На „Макфест“ ќе се родат повеќе хитови отколку на Евровизија!

by Fokus

Во пресрет на 38-то издание на реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест 2023“ од организацијата на настанот се уверени дека Македонија ќе добие многу квалитетни песни кои ќе останат да траат за идните генерации.

На вчерашната прес-конференција која се одржа во хотел во Скопје, а беше пренесувана на една телевизија, се обрати штипскиот градоначалник Иван Јорданов, како прв човек на организаторот – Општина Штип, уметничкиот директор Роберт Саздов, главниот коррдинатор Александар Арсовски, официјалниот ПР Антонио Димитриевски, како и членот на уметничкиот совет, Јован Јованов.

Сите се едногласни дека „Макфест“ е бренд и има голема важност не само за Штип, каде се одржува, туку и за цела Македонија, за културата, јазикот и националниот идентитет.

– Годинешново издание во двете фестивалски вечери има потенцијал да изроди повеќе хитови отколку една Евровизија. Песните се модерни, современи, жанровски различни, но певливи и бргу допираат до публиката – истакна Саздов.

Двете фестивалски вечери ќе се одржат на 21-ви и 22-ри октомври, и ќе понуделе новини во техничко-визуелниот квалитет, но и во содржината.

Ќе бидат изведени по 13 песни на секоја од двете фестивалски вечери, а помеѓу учесниците се Владо Јаневски, Ламбе Алабакоски со Полина, Андријана Јаневска, Љубојна, Џокер, Кристина Димитри и други.

Фестивалот ќе се пренесува директно на првиот канал на МТВ 1, но и на првата програма на Македонското радио – Радио Скопје, а е финасиран од Општина Штип и спонзори.

Вики Клинчарова

Поврзани новости