Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид достигнаа нови рекорди со регистрирани 2,5 милиони (2.480.767) патници во периодот од јануари до ноември годинава што претставува годишен пораст од 14 проценти. Само Охридскиот аеродром бележи значителен пораст од 240 проценти на патничкиот сообраќај во ноември, што е неверојатен резултат постигнат надвор од летната сезона, соопшти денеска ТАВ Македонија, концесионер на домашните аеродроми.
Во изминатите 11 месеци, вкупниот број на воздухопловни операции е зголемен за 10 проценти, достигнувајќи 20.215 летови и на двата аеродрома, скопскиот и охридскиот.
– Заедно со двоцифрениот пораст на бројот на патници остварен во 11-те месеци од 2019 година, ноември е уште еден рекорден месец за аеродромите во Скопје и Охрид, особено за охридскиот аеродром, кој дури и надвор од сезоната оствари значителен пораст од 239,5 проценти на патничкиот сообраќај споредено со ноември во 2018 година. Овие силни резултати се постигнати поради новите редовни авиолинии што беа отворени во 2019 година. За разлика од другите години, кога со почетокот на зимскиот распоред на летање обично темпото на воздушниот сообраќај забавува, оваа година доживеавме поинаков тренд – во ноември забележавме пораст од 23 проценти на бројот на патници на двата аеродрома (188.474 патници), во споредба со ноември во 2018 година кога имавме 153.271 патници, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Податоците на концесионерот покажуваат дека на Меѓународниот аеродром Скопје има 2,2 милиона патници од јануари до ноември годинава (2.183.897) со годишен раст од 9,3 проценти, и 17.746 летови, со годишен пораст од 5,3 проценти. Бројот на патници на аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за 70 проценти, односно 296.870 патници, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7 проценти годишен раст).
– Во ситуација кога патничкиот сообраќај низ европските аеродроми застана на 2,2% во септември 2019 година, забавувајќи од август 2019 година кога беше 3,4%, со извонредните ноемвриски бројки во однос на патничкиот сообраќај ТАВ дополнително го забрза двоцифрениот пораст на двата македонски аеродрома, што се одржува во текот на целата година. Среќни сме со овие резултати и ќе продолжиме да ја прошируваме мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид и да ги подобруваме нашите услуги, оцени Ерсој.
Во 2019 година ТАВ додаде четири нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје и осум нови дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Скопскиот аеродром опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании, а Охридскиот аеродром опслужува 22 дестинации, од кои седум се редовни и на кои исто така сообраќаат 13 авиокомпании.