На Македонија и е потребна праведна транзиција и политичка волја за употреба на обновливи извори на енергија

by Fokus

Оваа година Владата го усвои ревидираниот Национално утврден придонес за 51 процент намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година. Во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт” и Еко-свест, заедно со министерот за животна средина на Насер Нуредини, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и специјалниот советник на претеседателот на Владата Виктор Андоновски се одржа дискусија на тема „Праведна или брза енергетска транзиција”.

Министерот Нуредини истакна дека планот на Владата е амбициозен, но и неопходен. Тој вели дека работат со меѓународни експерти и УНДП и се обидуваат да ги утврдат вистинските мерки што треба да се имплементираат.

-Потребни се повеќе од 63 мерки што треба да се преземат, заедно со сите чинители, а оние најважните се ЕСМ. Политиките што ги применуваме се напуштање на јагленот како енергетски извор, околу тоа имаме и конкретен план што треба да се реализира најдоцна до 2028 година, се залагаме и за Закон што треба да биде усвоен до крајот на годината. Праведната транзиција е исто така многу важна за нас како кандидат за членство во ЕУ, но се уште немаме пристап до фондот, вели Нуредини.

Компанијата ЕСМ ќе биде една од најзасегнатите компании во процесот на енергетската транзиција, Ковачевски вели дека веќе се почнати со енергетската трансформација, конкретно во РЕК Осломеј со изградба на сопствена дест мегаватна фотоволтајична електрана, што се очекува да биде готова во септември оваа година.

-Во тек е процедура за изградба на иста електрана на локацијата во РЕК Осломеј и тоа што е позначајно е нашиот голем проект за кој можам да кажам дека денеска потпишуваме договор за голема фотонапонска електрана од 100 мегавати. Тоа значи дека со овие капацитети на фотоволтаици, покриен е и производниот капацитет на РЕК Осломеј со производствоа на енергија од јаглен, додава тој.

Во однос на РЕК Битола, трансформацијата од производството на струја на јаглен до нови извори на енергија, Ковачевски појасни дека ќе се одвива во неколку фази.

-Прво се прави подготовка и тендерска документација за изградба на гасна когенеративна електрана со моќност во прва фаза од 200 до максимум 400 мегавати, што ќе се користат за производство на електрична и топлинска енергија за топлификација на Битола и околните населени места, објаснува директорот на ЕСМ.

Се очекува да започне со имплементација следната година со комплетно завршување до грејната сезона во 2025/2026 година.

-Патот за инвестирање во фосилни горива или изградба на електрани за јаглен не е веќе опција, тоа е слепа улица и не треба да размислуваме во тој правец. Ако ја следиме состојбата во Европа, имаме многу примери каде започнати проекти кои имале во план да градат или да прошируваат капацитет на јаглен се откажуваат, вели Андоновски.

Во своето обраќање, тој вели дека Владата го препознала и се приклучи кон амбициозниот план на Европа, односно Зелениот договор, што има во план до 2050 година Европа да стане првиот климатски неутрален континент.

-Ние ја започнавме енергетската транзиција со донесување на Законот за енергетика и имплементирање на третиот пакет на ЕУ директивите. Со Законот воведовме нов тип на поддршка на обновливи извори на енергија, преку воведување на преиум тарифите за сончеви електрани, додава Андоновски.

Николас Манцарис од The Green Tank, Грција говореше за искуствата и територијалните планови со кои државата се соочи во процесот на праведна транзиција.

-По многу децении користење на лигнит, ефектот на животната средина беше навистина голем. Броевите покажуваат една катастрофална приказна, односно ефектот во БДП на национално ниво. Регионите каде што се произведува јаглен во Грција најмногу зависат од тоа во споредба со другите европски земји, додава тој.

Елена Николовска од Еко-свест во своето учество на дебатата вели дека организацијата е во директна комуникација со локалото население, особено во регионите кои се најдиректно засегнати, како што е кичевскиот регион.

-Ние повеќе години работиме во делот на комуникација со граѓаните кога се работи за правилна транзиција на овие региони. Забележавме дека за да се случи правилната транзиција ни недостасуваат податоци и информации за можностите што ги нудат овие два региони, особено надвор од термоелектраните на јаглен. Мора да размислуваме дека се работи за цели региони што во моментов се поддржани од индустријата со јаглен за кои ќе мора да постои соодветен и правилен премин кон други економски гранки, што исто така мора да се внимава да бидат зелени гранки, објаснува Николовска.

Таа вели дека за правилна транзиција потребно е пласирање на трансформацијата на економијата, вклученост и соработка со локалните заедници и стопанските комори во раните фази, координирање и комуникација на активностите помеѓу централната и локалната власт, проекти на Југозападен плански регион и општина Кичево, како и информирање и едуцирање на локалната заедница.

-Очигледно е дека ова се наоѓа на врвот на политичката агенда, а ние како германска фондација навистина се грижиме околу тоа како може европските политики да се интегрираат на просторот на Западен Балкан, особено во сферата на енергетика и животна средина. Особено е релевантно, бидејќи животната средина не препознава граници, а предизвиците со кои се соочуваме во Зелениот договор и во Европа се подеднакво релевантни и во Западниот Балкан, вели Eва Елерајт од Фондација „Фридрих Еберт”.

-Потоа треба да се таргетираат областите за кои треба да внимаваме и да се грижиме, особено кога говориме за стратегиите на среден и долг рок што понатаму навистина ќе можат да се преобразат во подобри и поеднакви можности за сите во општеството, вели таа.

С.Т

Поврзани новости