Во време кога естрадните уметници соочени со кризата поради актуелната забрана за настапи секојдневно апелираат за разбирање и донесување на нови мерки кои ќе им овозможат повторно самостојно да заработуваат од музика, фолк пејачката Сања Ристеска го претстави својот нов музички проект.
Се работи за нејзин дует со колегата Александар Талески, насловен ,,Брат и сестра” кој доби и видео запис, а ги израдува слушателите на народната песна.
-Предизвикавме лавина на реакции со промоцијата на новото музичко дело. Станува збор за тажна печалбарска песна полна со длабоки емоции, за која снимивме и видео запис. Тешко е да се опише со зборови значењето на овој проект за нас, тогаш кога работите на музичката сцена се одвиваат со потешкотии, да не речеме дури и стагнираат, се случи ова. Промоција на нова песна, како подарок за сите оние љубители на нашата музика, кои не се откажаа од нас, кои се радуваат на секоја нова песна и секако со нетрпение чекаат овој лош период да остане зад сите нас. Веќе цела година помина, јас на некој начин морав да се вратам на сцената. Недостигаат настапите во живо, но додека и тие да ни се вратат, публиката заслужи нова песна од мене – раскажува Сања.
Таа додава дека голем број на музичари се останати без ангажмани поради корона вирусот, а тоа се одразило и на финансиската страна.
-Вирусот ги погоди сите сфери од општествениот и социјалниот живот, кризата се чувствува насекаде. Музичарите се помеѓу најзагорзените бидејќи цела година се без работа и се снаоѓаат кој како знае и умее. Нормално е дека стравот од неизвесноста постои, но за мене тој е релативна работа.
Јас решив со снимање на нови материјали да и пркосам на кризата, и во вака тешки ситуации излегува на виделина кој е решен професионално да остане посветен на музиката. Новата песна ја снимивме во студиото МТ Мјузик Студио, со текст на Александар Талески, а музиката и аранжманот се на Флори Манев. Не сум личност која би се откажала во тешки моменти од својот сон и животен избор, а со помош на публиката и музиката не запирам, колку и да изгледа нешто тешко и неостварливо – изјави Ристеска.
Вики Клинчарова