На мајката која роди под мост во Прилеп ова и е десетто дете, останатите девет биле згрижени во дом!

by fokus

Бебето и мајката која се породи завчера вечер под мост во Прилеп се во добра состојба, откриваат од одделот за гинекологија и акушерство од ЈЗУ Општа болница Прилеп, каде што тие се моментално згрижени.

Случајот со мајката која што била бездомничка и живеела под мостот на улицата ,,Димо Наредникот” во Прилеп, каде и се породила сама, ја вознемири јавноста. По породувањето жената и бебето биле извадени од брегот на речното корито од страна на противпожарна екипа и биле пренесени во болница.

Како се дозволило бремена жена да живее без кров над глава, под мост, е актуелно прашање кое се провлекува деновиве. Исто така, јавноста прашува што ќе се случи со мајката и новороденчето кога ќе бидат отпуштени од болница и дали веќе е обезбеден дом за ова семејство.

Вчера ,,Фокус” го контактираше прилепскиот градоначалник Борче Јовчески по повод темата, а од неговиот кабинет кратко ни изјавија дека ќе биде преземена акција. Што конкретно ќе се преземе, немаа детали.

Наташа Јованоска, социјален работник во прилепската болница за ,,Фокус” раскажува дека сите институции се алармирани и соработуваат во случајов, со цел да се најде поволно решение за мајката и бебето. Но, открива и дека ова е десетто бебе на родилката, а сите претходно родени деца биле згрижени во дом.

-Мајката ја знаеме од порано. Има 30 години, ова и е десетто бебе. Во контакт сме со Центарот за социјална работа, со градоначалникот, сите институции се алармирани. Станува збор за жена која ги добила своите деца од различни партнери, останатите деца беа родени во болнички услови, за разлика од последното, кое завчера го родила под мост во градот.

Имаше немила случка со неа во време кога го доби првото бебе. Можеби и јавноста се сеќава, таа го остави бебето на Бит Пазар, а потоа тоа беше сместено во дом за деца без родителска грижа. Не знаеме која ќе биде нејзината одлука и дали ќе го задржи ова бебе, но во секој случај, нема да остане на улица по излегувањето од болница – ни изјави Јовческа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости