На Љубе по трет пат ќе му суди судијата Илија Трпков

by fokus

Судскиот случај „Ровер“, во кој еден од обвинетите е и Љубе Бошкоски, на 16 октомври по трет пат ќе влезе во судница во Основниот суд Скопје 1. На обвинетите ќе им се суди по трет пат, бидејќи пред неколку месеци, Апелациониот суд повторно ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно судење. Како што информираат од судот, судењето и по трет пат ќе го води истиот судечки совет, предводен од судијата Илија Трпков.

Иако најчесто, според судската пракса, судечкиот совет се менува доколку случајот по неколку пати паѓа на Апелација, сепак за овој случај второстепените судии тоа не го побарале.

-Обично во ваква ситуација, кога по втор пат се укинува пресуда, Апелација обично со укинувањето предлага новиот главен претрес да се води пред нов целосно изменет совет. Зошто во овој случај Апелација не го побарала тоа не ми е јасно, туку можам само да претпоставам дека можеби сметаат дека овој судечки совет е доста навлезен и запознаен со предметот, вели еден од адвокатите на Бошкоски, Владимир Ракочевиќ.

Тој додава дека на ова судење одбраната очекува ослободителна пресуда, бидејќи обвинителството нема докази кој ја утврдуваат вината на обвинетите. И, претходниот пат, кога Апелација го врати предметот назад, обвинителката не направи никаква измена или дополнување на обвинителниот акт, иако насоките од второстепениот суд беа дека мора да се направи индивидуализација на вината на секој од обвинетите, а сето тоа да се поткрепи и со докази.

Бошкоски во судица, пак, неколку пати имаше расправии со судијата Трпков, за кого дури побара да му се изврши психијатриско вештачење. Тогаш тој објасни дека вештачењето е неопходно, за да може да се утврди дали судијата е доволно храбар и непристрасен за да го води судењето до крај.

– Треба да му се помогне на судијата Трпков, бидејќи не можеме да имаме преплашено лице во еден сериозен случај. Моето искрено сочувство со него. Јас сакам само да му помогнам. Како што повеќето новинари се плашат за своето работно место, ако не го послушаат главниот уредник, така и судијата се плаши да не биде сменет од главниот уредник, односно од една политичка фигуретка, наречена Никола Груевски – рече Бочкоски на едно од судењата.

Според првостепената пресуда, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг ЧубрилоМилан Илиќ и Милорад Ковачевиќ  добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Поврзани новости