Бројот на патници заразени од коронавирус, кои се наоѓаат на крузерот закотвен во Јапонија, се зголеми на 61. Стотици патници се затворени во своите кабини, а тестирањето продолжува. На овој крузер се наоѓаат и тројца македонски граѓани, потврди вчера МНР.
„Последните тестови направени кај 273 лица, кои имале симптоми или биле во близок контакт со некој што има симптоми, покажуваат дека 61 лице е заразено со коронавирусот“, соопшти јапонското Министерство за здравство.
Доколку се појават симптоми и кај други лица, ќе се направат нови тестови.
Пациентите ќе бидат префрлени во болниците во Токио и во соседните градови.
Крузерот „Дајмонд принцес“ со околу 3.700 патници е закотвен во јапонското пристаниште Јокохома и е во двонеделен карантин откако е откриено дека има заразени патници со коронавирус, соопштија здравствените власти во Јапонија.
На крузерот се наоѓаат и тројца наши државјани, соопшти вчера МНР.
Оттаму вчера посочија дека продолжуваат со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање.
Граѓаните на Република Северна Македонија кои се наоѓаат во Јапонија за подетални информации околу развојот на состојбите можат да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио на дежурниот телефонски број +81 80 4886 0103 или на имејл: tokyo@mfa.gov.mk.