Во Република Северна Македонија досега се направени 47.793 тестирања за заболени од Ковид 19, покажува последниот извештај на министерството за здравство, што е огромна бројка за три ипол месеци колку што трае корона кризата во земјата. Според податоците, дури 80 отсто од заразените со корона вирус се сметаат за асимптоматски, односно пациенти кои се носители на вирусот, но немаат никакви симптоми, 14 отсто се со лесна клиничка слика и на домашно лекување, додека остатокот се хоспитализирани и дел од нив завршиле на респиратор.
Во споредба со земјите во регионот, во Северна Македонија се тестираат сите оние кои имале контакт со веќе заразен со Ковид 19 или доаѓаат од странство. Тоа е алгоритамот по кој се одредува кој се ќе биде тестиран. Тоа што е добро во целата приказна, што и покрај огромните бројки кои се појавуваат последниот месец, повеќето од пациентите се без симптоми, само остануваат во самоизолација 14 дена, додека не ги направат тие два последователни тестови, кои треба да бидат негативни.
Како се откриваат пациентите заразени со Ковид 19, кои немаат симптоми, а чија бројка е повеќе од 1.200 досега. Дури и на страната на Институтот за јавно здравје редовно се објавуваат податоците колку асимптоматски пациенти има, но во последните два дена веб страницата има технички проблем со што не може да се види точната бројка, со оглед на тоа што се менува од ден в ден.
Кога еден пациент е потврден како заразен со Ковид 19, тогаш епидемиолози одат на терен и му прават епидемиолошка анкета, на која тој е должен да даде точни одговори, односно да ги даде сите контакти со кои комуницирал во последниот период. После тоа, на сите нив, без разлика дали имаат симптоми или не, им се прават тестирања и на тој начин се доаѓа до асимптоматските пациенти, кои се носители на вирусот.
Откако ќе се открие дека некој и од контактите е заразен со корона, тогаш тој завршува во самоизолација од 14 дена и се бараат неговите контакти со кои во меѓувреме комуницирал. Во последниот период, откако бројките почнаа да се зголемуваат, здравствените власти објаснија дека станува збор за околу 40 кластери, од кои повеќето се од свадби, куќни слави, мекици, ифтарски вечери, семејни собири…Дел од нив ги даваат контактите, дел не, но сепак има од 15 до 30 заразени само од еден од овие собири. Најголем проблем се таквите собири, каде што повеќе луѓе на една маса, седат подолг период, јадат и пијат заедно.
Факт е дека кај нас политиката е вмешана во сите пори, па дел од медиумите блиски до опозицијата излегуваат со страшни наслови, тврдејќи дека бројките на заразени во Северна Македонија се најголеми во регионот, со што на некој начин го манипулираат народот, со оглед на тоа што бројот на заразени и во Србија, и во Бугарија, и во Албанија повторно се зголемуваат, но секоја држава си има своја политика околу справувањето со Ковид 19.
Секоја држава одлучува по колку тестирања ќе прави, на кој начин ќе се одлучува кои пациенти ќе бидат тестирани. Северна Македонија првично почна со 200 тестови на дневно ниво, па после три ипол месеци таа бројка стигна до 1.300 тестови, односно секој ден се движат од 700 до 1.300 тестови во зависност од најновите бројки на заразени и нивните контакти.
Еден период како тема се појави и масовното тестирање, но досега скрининг се правеше на вработените во детските градинки и старечките домови. Исто така, масовно тестирање се правеше и во Штип каде што заразата букна кај вработени во конфекција. Тоа што најново се најавува се брзите ПЦР тестови со кои треба да биде снабдена скопската Клиника за Гинекологија, каде што ќе има резултати за само 40 минути и родилките нема да одат во самоизолација, со оглед на тоа што таму редовно одат родилки од кризните подрачја, кои во моментот се жаришта Скопје, Тетово, Куманово и кои веднаш завршуваат во изолациониот дел.
Многу јасно е дека дел од медиумите имаат за цел да креваат паника и да ги плашат луѓето, но сепак целосната слика изгледа многу подруго.
Ф2Н2 направи анализа за тоа какви се стратегиите на државите во регионот, повеќе за ова прочитајте на следниот линк.