Денеска со почеток од 20 часот, во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе биде одржана премиера на театарската претстава “Викенд на мртовци“ по текст на Миле Поповски, а во режија на Милица Гочевска, за која што се барало влезница повеќе.
Поради големиот интерес на кавадарчани за културната манифестација, првата реприза на ,,Викенд на мртовци,, е закажана веќе за во четврток, на 30 јуни.
,,Народот е уморен од политика, од пресови и дебати на политичари, а желен за култура. Токму тоа го покажува и фактот што влезниците за претставата експресно се продадени, а на радост на љубителите на театарот, ќе следи и реприза. Се работи за комедија која што е слика и прилика на тукашниот живот во која што ќе се препознаат многумина, и покрај тоа што текстот за претставата е стар триесеттина години,, – вели Марјан Тодоровски од Дом на култура – Кавадарци, додавајќи дека во Кавадарци се повеќе се организираат разни културни настани, за кои што има голем интерес.
Претставата се реализира во соработка меѓу Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и Театарската група при Домот на културата “Мирка Гинова“ Демир Капија.
Во претставата играат: Диме Коцевски, Снежана Карова, Милица Гочевска, Анита Младеновиќ, Видан Станоев, Љупчо Настов, Деан Атанасов, Димче Бањански, Коле Колев, Крсте Мелов, Александар Малинков, Владанка Недева, Валентина Ѓорѓиева, Томе Атанасов, Симона Богева и Кристина Сакалиева. Техничката подршка (сцена, музика, светло) е на Диме Темков и Марјан Тодоровски.
Вики Клинчарова