На Канческа речиси 4 години и се „суди во место“, по петти пат „Тендери“ почна од почеток

by fokus

Судењето за случајот „Тендери“, во кој обвинета е поранешната министерка Елизабета Канческа Милевска, по петти пат почна од почеток, што значи дека три години и осум месеци буквално судската постапка тапка во место.

Како што алармираат од Коалицијата „Сите за правично судење“, истрагата за овој случај беше отворена во 2016 година, а судењето стартуваше во 2018 година.

-Поранешното СЈО на 20.10.2016 година ја отвори истрагата по предметот со кодно име „Тендери“, а судската постапка по овој предмет започна на 21.02.2018 година и истата сè уште трае, велат од Коалицијата.

Оттаму додаваат и дека во текот на оваа постапка, главната расправа започна 5 пати одново.

Три пати предметот почнал од почеток поради проток на 90 дена од рочиште до рочиште, а два пати поради смена на судија поротник.

 

Летото, иако случајот стигна до завршни зборови, сепак пак почна од почеток бидејќи  Судскиот совет го разреши спорниот судски поротник за кого ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека ги исполнил условите за пензионирање.

Во „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“. Обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон” од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон” од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи.

В.В.

 

Поврзани новости