Две нови жртви се пронајдени во поплавен подрум во сојузната покраина Баден Виртемберг, во југозападна Германија, погоден од обилни дождови и поплави.
Пожарникарите ги откриле телата откако испумпaле вода од подрум во градот Шорндорф, во областа Ремс-Мур, изјави полицијата во Штутгарт за германската новинска агенција ДПА во понеделникот.
Округот беше особено погоден од поплавите во југозападниот дел на земјата, кои се влошија во понеделникот вечерта.
Жителите на погодените области беа евакуирани рано во понеделникот како мерка на претпазливост.
Претходно, работниците од итната помош пронајдоа тело на исчезната 43-годишна жена во подрумот на една куќа во сојузната покраина Баварија.
Силниот дожд и поплавите низ Баден Виртемберг и соседна Баварија за време на викендот доведоа до прекин на сообраќајот и принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.