Од 40 до 50 автобуси недостигаат за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да може да го почитува летниот возен ред, информираше директорот на претпријатието, Драги Кушовски.
Тој на денешната седница на Советот на Град Скопје, рече дека во мометов во сообраќај се вклучени од 190 до 200 автобуси, а зимскиот и летниот возен ред се правени за околу 350 автобуси.
„Со оваа бројка на автобуси не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред за кој знаеме дека е скратен возен ред. Колку и да работиме, колку и да сакаме, возачите не се во состојба да го реализираат возниот ред. Од септември кога ќе се воведе зимскиот возен ред, ситуацијата ќе биде уште потешка, бидејќи се зголемува бројот на автобуси. И ниту еден автобус да не се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов недостигаат од 40 до 50 автобуси“, рече Кушовски.
На седницата не помина предлогот за набавка на нови еколошки автобуси. Мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за оваа предлог одлука.
Предлогот за набавка на нови еколошки автобуси досега неколкупати се најде на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, но не ја доби потребната поддршка од советниците.