На иста адреса се лоцирани сите три фирми опфатени во истрагата против Јакимовски

by Fokus

Фирмите „Гром промет ДООЕЛ“, „Емаг ДООЕЛ Скопје“, „Дот мебел ДООЕЛ“ и физичко лице со иницијали Т.К. се опфатени во истрагата на Министерството за внатрешни работи, во рамки на која беше денеска приведен поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

„Фокус“ ги провери сите три компании кои се опфатени во истрагата во Централен регистар и од тоа што може да се забележи според документите, сите се лоцирани на иста адреса „бул. Илинден“ бр.138 во Карпош/Центар.

Една од фирмите е „Гром Промет“ која е основана 10 јануари, 2003 година со непаричен влог од 156.000 денари. Документите уште покажуваат дека како сопственик, но и управител на компанијата е извесен Горан Ристовски. Оваа фирма беше актуелна и во предизборната кампања за локалните избори во 2017 година, кога од СДСМ обвинија дека плацот од фирмата „Гром Промет ДООЕЛ“ бил купен за само 11.000 евра, за потоа истото земјиште по два месеци да биде продадено на друга компанија за 600 илјади евра. Од СДСМ во тој период уште ја обвинија општината дека под водство на Стевчо Јакимовски како градоначалник неправилно отуѓила градежно земјиште со вкупна површина од 1.553 м2, кое било продадено за само 11 илјади евра на друштвото за производство, трговија и услуги „ГРОМ промет ДООЕЛ“. Станува збор за земјиштето кое се наоѓа во близина на поранешниот ресторан „Имес“ во Карпош.

Друга фирма која е опфатена во истрагата е „Дот мебел“, која според документите од Централниот регистар е лоцирана на бул. Илинден бр.138. Станува збор за компанија чија приоритетна дејност е производство на друг мебел, а основана е на 15 ноември, 2012 година. Документите уште покажуваат дека фирмата е основана со непаричен влог од 5.000 евра. Како сопственици на компанијата фигурираат Сашо Пендикоски и ДЕЕМ Цонсултинг Ш.п.л (ДОО) од Приштина, додека пак како управител се наведува Каролина Танеска. На интернет не можат да се пронајдат повеќе информации за компанијата, освен дека е Друштво за дизајн и изработка на мебел.

Уште една компанија која е опфатена во истрагата е „Емаг ДООЕЛ“, која според документите од Централен регистар е формирана на 30 септември, 1999 година. Таа е лоцирана на истата адреса „бул. Илинден“ бр. 138. Компанијата е основана со паричен влог од 461.044 денари, а нејзина приоритена дејност е инженерство. На документите како сопственик фигурира Чедомир Андовски, додека како управител се појавува Магдалена Андовска, кои живеат на иста адреса, од што може да се заклучи дека се во некаква роднинска врска.

Според кривичната пријава поднесена од МВР, Јакимовски од позиција на градоначалник им овозможил на овие фирми да се стекнат со земјиште кое било во државна сопственост, така што го легализирал земјиштето спротивно на Законот.

Истрагата покажува дека  Стевчо Јакимовски и вработените во Општината потпишале решение за утврдување праван статус на времени објекти како да се бесправно изградени објекти и на тој начин им овозможиле на трите фирми и на Т.К. да ги запишат објектите како легални во нивна сопственост.

-Службените лица им овозможиле на правните лица на незаконски начин да се стекнат со право на сопственост на објекти и ексклузивно право на откуп – истакна Тони Ангеловски, портпаролот на МВР.

Тој додаде дека на „Гром промет“ противпрвно му е овозможено да се стекне со имотна корист во вкупна површина од 1533 метри квадратни. Во 2016 ова земјиште имало вредност од 28 милиони денари, или 450.000 евра.

Фирмата „Емаг ДООЕЛ Скопје“ против правно се стекнала со имотна корист во површина од 722 м2. Ова земјиште во 2016, кога било извршено кривичното дело, имало вредност од најмалку 13 милиони денари, или 211.000 евра.

На „Дот мебел“ и на Т.К., пак, им е овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште во висина од 450 денари од м2, додека на јавно надавање метар квадратен од оваа парцела би се продавал со почетна цена од 300 евра.

Освен Стевчо Јакимовски, кривична пријава е поднесена и против 69-годишниот Т.Г. раководител на одделение за недвижен имот и постапка за експропријација во секторот за правни  работи во Општина Карпош; 43-годишниот В.С. виш соработник во одделението за спроведување на урбани планови, 59-годишната М.Т. вработена во одделението за просторно и урбанистичко планирање, и 60-годишната Р.Д. исто така вработена службеничка во Општината.

За поттикнување во извршување на кривично дело е поднесена кривична пријава и против управителите на фирмите: 51-годишниот Г.Р. управител на „Гром промет“, 67-годишниот Ч.А. управител на „Емаг Доооел“, 53-годишниот С.П. управител на „Дот мебел ДООЕЛ“ и 58-годишниот Т.К.

И.М.

 

Поврзани новости