На иницијатива на премиерот Зоран Заев, ќе се работи на отворање на нова авиолинија на релација Скопје – Подгорица – Сараево и обратно. Заев ова го договорил на вчерашната билатерална средба со премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ.
– Двете земји имаат само перспективи пред себе, без ниту едно отворено прашање. Она што е важно, поставуваме соодветни чекори што само ќе ја јакнат соработката меѓу нашите две земји. Во тоа име, сакам да објавам дека е усогласен текст помеѓу Република Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, заедно со нашите кабинети, и ние како претседатели на владите, текст што ќе биде испратен до сите авионски компании, што работат овде во овој регион, за да испратат понуда за воспоставување авионска линија на релација Скопје – Подгорица – Сараево и обратно, за да можеме ова важно прашање конечно да го решиме – изјавиЗаев.
Црногорскиот премиер Марковиќ го потврди интересот на Владата на Црна Гора ова прашање да се реши. Тој се согласи дека земјите немаат отворени прашања и дека тоа овозможува развој на односите.