Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 140 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид-центрите. Од нив 57 се лекуваат во болниците во Скопје, а 83 во останатите градови.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје има тројца нови хоспитализирани пациенти поради компликации од корона вирусот, а во нив се лекуваат вкупно 57 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19.
Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало еден прием. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“, исто така, е примен еден пациент и еден нов заболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени тројца оздравени пациенти. Во ковид-центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 8 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 18 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежи 31 пациент.
Како што информира Министерството за здравство, бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 88 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 10 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 9 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 4 пациенти, во Велес се лекуваат 9 болни, а во Куманово 19 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 11 пациенти, во Прилеп 6, во ковид центарот во Гостивар 3, а во Струга 4 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 6 пациенти, во Кичево 2 и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Притоа треба да се има предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.