Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 608 и има околу 559 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.
На инфективните одделенија во земјава во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат 334 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 25 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19, во болницата во Штип е хоспитализиран 37 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 13 пациенти, во Велес се лекуваат 22 болни, а во Куманово 45 пациенти.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 19, во ковид центарот во Гостивар 17, а во Струга 24 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 18 пациенти, во Кочани 5 во Кичево 12, Кавадарци 17, во Гевгелија 2 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.
Од Министерството за здравство, посочуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Од МЗ посочуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, како и дека Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.