Дваесетгодишна девојка почина од грип, потврдуваат за „Фокус“ од Клиниката за инфективни болести во Скопје, што претставува седми смртен случај како последица од грип оваа сезона.
Информациите се дека девојката била префрлена од Клиниката за хематологија. Таа не била вакцинирана од инфлуенца.
Грипот знае да направи големи проблеми кај луѓето со тешки или хронични заболувања, порача д-р. Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести кој апелира да се почитуваат и препораките за задолжително носење на маски во здравствените установи, особено хронично болните.
– Секојпат кога ќе започне сезоната на вакцинирање за грип се знае дека тоа е за лицата кои се на приоритетна листа, за кои нема одлагање на вакцинацијата се меѓу првите кои треба да се вакцинираат и кај кои вакцината секогаш ќе даде максимален бенефит и ќе биде причина да се оневозможи хоспитализацијата и смртниот исход. Остануваме на препораките кои што претходно ги кажавме дека треба да се носат маските задолжително во здравствените установи за да се оневозможи повторно пренесувањето на вирусот од човек на човек особено таму кадешто веќе знаеме дека имаме хронично болни – порачува Мехмедовиќ
Од Клиниката за инфективни болести посочуваат дека низ целата држава има тешки случаи на заболени со грип проследени со масовни пневмонии, а двајца пациенти се на респиратор.